Десетици државјани на Косово, меѓу кои и жени и деца, кои се наоѓале во областите опфатени со војна во Сирија, се вратија во Косово со авион кој слета на приштинскиот аеродром доцна синоќа, јави дописникот на МИА од Приштина.

На аеродромот „Адем Јашари“ ноќта меѓу петокот и саботата беше присутен и министерот за правда на Косово, Абелард Тахири, кој изјави дека операцијата за враќање на косовските граѓани од Сирија е завршена успешно. За повеќе детали околу операцијата Тахири најави дека ќе ја информира јавноста на прес-конференција во текот на денешното претпладне.

Голем број припадници на полицијата беа забележани на аеродромот, како и возила на брза помош и други превозни средства.

Дописникот на Радио слободна Европа извести дека на местото каде што се претпоставува дека пристигнаа косовците е забележан авион, на чиј еден дел можело да се види американското знаме.

Американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку недели ги повика европските држави да ги вратат и да им судат на своите граѓани кои учествувале во војната во Сирија на страната на терористичката организација наречена Исламска држава (ИД).

Владата на Косово тогаш објави дека ќе дејствува како и другите земји членки на глобалната коалиција против ИД.

Повеќе од 400 косовски државјани се проценува дека заминале во Сирија во изминатите шест-седум години за да војуваат на страната на исламските екстремисти.

Над 70 од нив се убиени, додека голем број жени и деца останаа и натаму во воените зони.

Според податоците на косовската полиција, во февруари годинава во Сирија се наоѓале 44 жени и 48 деца.

Бројот на борци од Косово кои и натаму се наоѓаат во воените зони изнесува 56, објави полицијата на 25 февруари годинава.