Турчин вработен во конзулатот на САД во Истанбул е осуден на скоро девет години затвор за „помагање на терористичка група“, во одлука која светските медиуми оценуваат дека може да предизвика тензии меѓу Анкара и Вашингтон.

Метин Топуз е осуден на осум години и девет месеци затвор на судење во Истанбул, јави државната агенција „Анадолија“.

Тој е обвинет за помагање во организацијата на турскиот проповедник Фетулах Ѓулен, противник на претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој се посочува како организатор на обидот за пуч во 2016 година. Ѓулен негира каква било вмешаност во овие настани.

Новинската агенција ДХА пишува дека судот во Истанбул му одредил притвор на Топуз.

Судскиот процес против Топуз ги затегна врските меѓу Турција и Соединетите држави последниве години.

Топуз, кој бил задолжен за врски меѓу американскиот конзулат и турското полициско одделение за борба против трговија со дрога, беше уапсен во октомври 2017 година и оттогаш е во притвор.

Тој е обвинет за шпионажа и за членство во движењето на Ѓулен.

Американската амбасада во Анкара соопшти дека е длабоко разочарана од пресудата за која нема докази кои ја поткрепуваа. Воедно изрази надеж дека истата ќе биде брзо поништена.