Во повеќе црногорски градови и денес се одржаа протестни литии на кои граѓаните го изразуваат незадоволството од донесувањето на Законот за слобода на вероисповед, пренесува агенцијата „Танјуг“.

Литии се организираа во Беране, Биело Поле, како и во Тиват.

Верниците во Тиват со литијата минале околу пет километри, а нивното движење по Јадранската магистрала го обезбедувала полиција.

Како што пренесува „Танјуг“, литијата минала без инциденти, а потоа луѓето се разотишле.

Незадоволство од Законот за слобода на вероисповед изразиле и граѓаните на Подгорица, каде, според информациите, на протестната литија учествувале голем број на граѓани.

Иако црногорските власти тврдат дека Законот не претставува напад на СПЦ и оти имотот на српската црква не е доведен во никаква опасност, според српските медиуми е сè поизвесно дека официјална Подгорица со законот ќе добие можност да стави рака врз светостите на Српската православна црква во Црна Гора, меѓу кои и Острог.

Членот 52 од овој Закон вели дека сите верски објекти кои биле во државна сопственост до 1 декември 1918 година, повторно ќе се национализираат.