Хрватските власти го потврдија првиот случај на коронавирусот во земјата, објавуваат хрватските медиуми. Станува збор за младо момче сместено на Клиниката за инфективни болести во Загреб, кое е во добра здравствена состојба. Според информациите, заразеното момче престојувало во Милано од 19 до 21 февруари.

Веста ја соопшти хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на прес-конференција. 

– Ги добивме резултатите за хрватскиот државјанин кој престојувал во Милано. Тој покажувал благи симптоми на болеста. Ги преземаме сите потребни мерки и здравствените власти се фокусираат на лицата со кои тој бил во контакт – кажа Пленковиќ.

Во Риека се тестираат уште девет лица кои биле хоспитализирани по враќањето од Италија. Директорот на тамошниот Клинички центар изјави дека еден од нив се наоѓа во изолација. Голем број граѓани престојуваат периодов во Италија, а здравствените власти одржаа состанок за дополнителни мерки со цел спречување на ширењето на вирусот.