Изборите за новиот хрватски парламент ќе се одржат на почетокот на јули, соопшти претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.

– Изборите за десеттиот парламентарен состав од независноста во Хрватска ќе се одржат во недела, на 5 јули, а во странство и во хрватските дипломатски и конзуларни претставништва, во сабота, 4 јули и недела на 5 јули – кажа тој.

Одлуката за распишување на изборите влегува во сила на 2 јуни, што значи дека изборните рокови започнуваат еден ден подоцна, вклучувајќи и рок од 14 дена за политичките партии и независните кандидати да ги поднесат листите до Државната изборна комисија.

Иако Хрватска дневно регистрира само по неколку случаи на коронавирус и има добри епидемиолошки услови, изборите во јули ќе се одржат на малку поинаков начин од сите претходни заради епидемијата кој ќе го дефинира Државната изборна комисија (ДИК) со хрватскиот Институт за јавно здравје, пишуваат локалните медиуми.