Раимонда Реци е првата жена припадничка на ОВК што ќе се појави во седиштето на Специјалниот суд и Специјалното обвинителство во Хаг.

Повикот од Хаг таа го објави на својата фејсбук-страница, додавајќи дека во поканата пишува дека треба да биде сослушана во својство на сведок.

Од средината на декември досега, од Судот во Хаг беа повикани некогашните команданти на повеќе оперативни зони на ОВК. Меѓу нив се Рустем Мустафа, Сами Љуштаку, Сокољ Добруна, Назиф Мехмети, Ремзи Шаља, Сафет Суља и Сулејман Сељими.

Реци, која моментално се наоѓа во САД, е последната во низата поранешни борци на ОВК повикани на разговор од страна на Специјализираното обвинителство.
Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од судскиот систем на Косово, со седиште во Хаг. Нивна задача е да спроведат истраги и да ги гонат осомничените за злосторства извршени за време и по војната 1998-2000 година во Косово.

Се очекува пред овој Специјален суд да бидат обвинети високи личности на ОВК, за наводни злосторства поврзани со убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство.