Во Србија започна сослушувањето на јавните личности против кои беа поднесени кривични пријави од 270 родители заради предизвикување паника со своите објави против вакцинирањето од морбили.

Целата приказна за тоа дека вакцините се штетни на Балканот, според српските медиуми, ја започна доктор Слаѓана Велков која потекнува од Македонија. Преку разни работилници и предавања таа на некој начин успеа да го наметне стравот дека вакцините се штетни. Според неа вакцините не го зајакнуваат имунитетот, туку се причинители на многу болести, меѓу кои и аутизмот.

Велков има своја станица на Фејсбук преку која се пропагира традиционален начин на лекување, како и конзумирање на свежа храна необработена. Таа се залага и за исфрлање на месото од исхраната, а тоа го препорачува и кај децата. Секогаш кога станува збор за вакцините во групата се истакнува дека здравјето низ игла не влегува и посебно се потенцира дека преку вакцините се внесува жива во организмот на децата и други штетни суспстанци.

Огромен е бројот на мајки од поранешните југословенски републики кои се верни следбенички на Велков и веќе неколку години не ги вакцинираат децата. Во денешно време се повеќе се јавува сомнеж во квалитетот на храната која се консумира, па од тука и сомнежот во придобивките од вакцината. Останува отворено прашањето, дали мајките се свесни дека доколку се потценува медицината и се препуштиме на традиционалниот начин на лекување, треба да бидеме подготвени и на природна селекција. Неподдржувачите на вакцините често знаат да кажат дека порано луѓето биле многу поздрави од денес, а не биле вакцинирани. Но тие го забораваат фактот дека порано кога медицината не била толку развиена, децата умирале многу повеќе од денес, па само најсилните останувале.

Во Србија постојано се зголемува бројот на невакцинирани деца, благодарение на тоа што многу јавни личности гласно го искажаа својот став за штетноста на вакцините.

Во полиција вчера на распит била професорката Мира Совиљ, а неколку часа по неа и лекарот Тодор Јовановиќ, објавја српските медиуми.

Следни на листата за сослушување против кои се поднесени кривични пријави се д-р Слаѓана Велков, писателката и сценаристка Маја Волк, писателката Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ, фолк пејачката Јелена Карлеуша и други јавни личности од Србија, кои доколку бидат осудени можат да добијат затворска казна до пет години.

Сослушувањата се спроведуваат откако кон почетокот на февруари група од 270 родители поднесе кривична пријава поради ширење страв и паника од вакцинирање и појавата на епидемија на морбили.

Тужбата е поднесена против 43 лица кои организирале и учествувале во ширењето антиимунизациска пропаганда.