Нискиот одзив за опозицијата во Србија ќе значи дополнителен аргумент за неуспешните избори

Во Србија веќе отворено се говори за можноста за одложување на парламентарните избори на 26 април, што на некој начин ѝ оди во прилог на дел од опозицијата, која бараше одложување на изборите поради непостоење услови за демократско изјаснување на граѓаните

Подигнувањето на нивото на заштитни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот во сите балкански држави, беше искористено како повод за нови политички пресметки меѓу власта и опозицијата во Србија. Вообичаен се препирките што се однесуваат на тоа дали активностите на државните институции се подготвени или не да се справат со епидемијата, при што коронавирусот се користи како „аргумент“ за остварување на сопствените партиски и политички интереси. Во Србија веќе отворено се говори за можноста за одложување на парламентарните избори на 26 април, што на некој начин и оди во прилог на дел од опозицијата, која бараше одложување на изборите поради непостоење услови за демократско изјаснување на граѓаните.

За тоа дали ќе бидат одложени изборите поради епидемијата со коронавирусот, Вучиќ изјави дека за тоа ќе разговара со претставниците на партиите што учествуваат на изборите. Тој најави нов начин на изборна кампања, а тоа е да се организираат што е можно повеќе телевизиски дебати, а дури во април да се одржат митинзите на отворен простор.

– Јас се подготвувам за 26 април, а ако дојде до поместување на изборите, ќе ги поместиме за две недели, и тоа ако имаме многу потешка ситуација со коронавирусот отколку денес, а јас не го гледам тоа. Доколку имаме многу потешка ситуација – тогаш се знае какви се уставните овластувања – изјави српскиот претседател по состанокот на државниот врв поради новооткриените случаи на коронавирус во Србија.
Со најновите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот во Србија не се предвидени забрани на протести на отворен простор, бидејќи станува збор за респираторна болест. Но Вучиќ објави дека неговата партија СНС до 1 април нема да одржува предизборни митинзи, ниту на отворено, ниту на затворен простор. Исто така и од другите партии соопштија дека поради епидемијата со коронавирус ги откажуваат предизборните митинзи во истиот период.

– Нема да ги забраниме протестите за некои да не речат дека сме се ослободиле од некои 300-400 луѓе на отворено – изјави Вучиќ, во контекст на протестите на дел од опозицијата и граѓанските здруженија за бојкотирање на изборите, кои се одвиваат под мотото „Еден од пет милиони“, кои се одржуваат неколку месеци на улиците во Белград.

За разлика од Вучиќ, претставници на српската опозиција предлагаат поодлучна борба против ширењето на заразата, а предлагаат изборите да се спроведат по летните одмори. „Данас“ пишува дека е неопходно српското собрание да донесе посебен закон, со кој мандатите на пратениците би се продолжиле и изборите да се одложат најдоцна до есен. Со ова би се спречила помалиот одзив на денот на гласањето на 26 април, а на опозицијата, која одлучила да го бојкотира гласањето, ќе ѝ биде дополнителен аргумент дека „изборите биле нелегитимни“, поради нискиот одзив.

За можноста за одложување на изборите, политикологот Бобан Стојановиќ нагласува дека треба да се слуша струката, односно лекарите, а не политичарите.
– Доколку вирусот се прошири толку за да го загрози одржувањето на изборите, прашањето на избор ќе ни биде најмалку важно и да се покаже одговорност кон човечките животи и да се откажат изборите. Во ваква состојба не е во прашање нечија политичка одговорност, затоа што животите на луѓето и нивното здравје се апсолутно најважни. Очекувам и одлуката за (не)одржување на изборите во април да биде донесена во комбинација со стихијата и на дневнополитички маркетиншки процени – вели Стојановиќ.

Политичкиот врв на Македонија вчера попладне се одржа координација во Владата, по иницијатива од техничкиот премиер Оливер Спасовски, а поради развојот на ситуацијата со коронавирусот.

– Во ДИК нема паника и нема причина за паника. Денес е денот кога треба да се достават кандидатските листи. Потоа ги проверуваме апликациите, ако е сѐ во ред ги потврдуваме листите и продолжуваме со нашата работа. Заврши рокот со увидот во Избирачкиот список и доста граѓани се проверија – изјави вчера Оливер Дерковски. Тој објасни дека Собранието на Македонија ја донесе одлуката за распишување на изборите и тој е органот, кој може да донесе одлука за одолжување на истите тие.
– ДИК само ги исполнува одлуките на тој орган. Дали ќе има или не одложување на изборите зависи од политичкиот договор помеѓу политичките партии. Финансиски гледано, доколку се одложат изборите, ќе изгубиме многу повеќе од тоа ако се завршат во предвидените рокови – рече Дерковски.


Предизборната кампања се сели на електронските медиуми

На вчерашната лидерска средба не била разгледана можноста за одложување на изборите во Македонија, а поради забраната за одржување предизборни митинзи предизборната кампања на партиите ќе се води на поинаков начин. Доколку се одложат изборите во Србија за неколку недели, новонастанатата состојба со вирусот ќе влијае на нов начин на водење на предизборната партиска кампања, која досега се практикуваше преку одржување големи митинзи, средба со граѓани и одење од врата до врата кај гласачите. Политичките партии сега ќе се фокусираат на онлајн-кампања на социјалните мрежи и телевизиски настап. Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ смета дека политичките кампањи веќе некое време се променети, особено во однос на јавните собири, кои се повеќе одраз на „некаква инерција отколку што претставуваат функционален дел од кампањата“.