Еколошкиот билет, по цена од еден лев, е пуштен првпат годинава и со него жителите на Софија можеа да остварат неограничен број патувања во текот на еден ден

Над 23.000 зелени билети за превоз во градскиот сообраќај во Софија биле продадени во петокот минатата недела, по цена од еден лев, кои беа пуштени поради загадувањето на воздухот. Во претходните денови, ПМ-честичките беа за четири пати повисоки од дозволените 50 милиграми на кубен метар, објави БТВ.
Еколошкиот билет е пуштен првпат годинава и со него жителите на Софија можеа да остварат неограничен број патувања во текот на еден ден, додека важи мерката за намалување на загадувањето на воздухот. Покрај ова, во деновите на висока загаденост на воздухот во престолнината на Бугарија, градските власти одобруваат и бесплатен паркинг за граѓаните да ги остават своите возила и за да можат да го користат јавниот градски превоз.

Граѓаните пројавиле голем интерес за поевтините билети, кои се продале за кратко време. Над 19.000 зелени билети биле продадени на билетарниците на станиците на софиското метро, 3.000 на автобуските станици, а 700 билети биле купени во онлајн-продажба. Зелен билет може да се купи и од возачите на градските автобуси. Трошоците за примената на оваа мерка, според процените на градската администрација, би изнесувале околу 200.000 лева.

– Стручни тимови ќе направат дополнителни анализи од примената на зелениот билет, а можно е да се предложат и дополнителни мерки за ограничување на користењето на индивидуалните возила во деновите со висока загаденост – изјави Јорданка Фандакова, градоначалничка на Софија.
Последен пат, зелениот билет во градскиот јавен превоз во Софија бил применет на 4 декември 2018 година.