Албанската полиција денеска соопшти детали од големата акција за откривање криминални групи во северниот град Скадар, кои се поврзани со низа тешки кривични дела, кои, во овој град, се случија последните неколку месеци.

Во акцијата насловена „Силата на законот“, покрај полицијата од регионалниот комесаријат на Скадар, биле вклучени и припадници на единицата за брза интервенција и специјалната полициска единица „Ренеа“. Во акцијата биле вклучени и снајпристи, поради оценката дека акцијата е од висок ризик.

Според полицијата, извршен е претрес во 20 домови и трговски простории при што уапсени се четири лица,додека по едно лице се трага. Уапсени се Илир Рустеми, Емрах Плаку, Астмер Билали и Ероген Брајовиќ (поранешен шампион во бокс) сите од Скадар, сите и претходно познати на полицијата, а кои се сметаат за водачи на криминалните банди.

Запленети се шест блиндирани автомобили, 10.500 евра, две автоматски пушки „калашњиков“, еден пиштол, околу 800 куршуми, едно студено оружје, три автомати за игри на среќа, компјутери, ДВД, ЦД, УСБ, мобилни телефони, сим картички, како и заштитни елеци.

Засега, според албанските меидуми, нема информации дали полицијата идентификувала некој од сторителите на шесте „мафијашки убиства“, исчезнувањето на две лица,вујко и внук,како и информации за лицата кои вршеле рекет.

Медиумите наведуваат дека во овој град на северот на Албанија делуваат најмалку 20 криминални банди.