Производството на американските борбени авиони Ф-16 нарачани од Бугарија почна во САД, објавија американските воздушни сили.

Покрај Бугарија, во производствената линија ќе се произведуваат авиони за Бахреин, Словачка и Тајван.

Во соопштението од американското воено воздухопловство се наведува дека првите Ф-16 ќе ја напуштат производствената линија во 2022 година, но засега не се знае која земја ќе ги добие првите авиони, пренесе Бугарското национално радио.

Бугарија очекува првите шест борбени летала да бидат испорачани во 2023 година. Уште два Ф-16 ќе останат во Соединетите држави за обука на бугарски пилоти, што е во тек, и на техничкиот персонал.

Во 2019 година, Бугарија плати вкупно две милијарди и двесте милиони лева за авиони.

Во соопштението на американското воено воздухопловство се наведува дека производството се очекува да се зголеми по првата година.

Бугарија во моментов ја подготвува инфраструктурата на аеродромот „Граф Игнатиево“.