Во Србија се отвораат нови ковид-болници поради големиот прилив на новозаболени

Најголем пораст на новозаболени лица во еден ден имаше во: Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и во Србија

Во саботата во свeтот беше регистриран најголем дневен скок од 212.326 заболени лица, а со нагорен дневен тренд се и земјите од регионот. Најголем пораст на новозаболени лица во еден ден имаше во: Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и во Србија, каде што последните денови ескалира состојбата со ширењето на епидемијата во повеќе градови во кои е воведен карантински режим, а во Белград се воведени посебни мерки за заштита на граѓаните од натамошно ширење на коронавирусот.
Во Хрватска во саботата биле пријавени 86 нови случаи, а од последиците од инфекцијата починало едно лице, соопшти Националниот штаб за цивилна заштита. Бројот на активни случаи во оваа земја се зголеми на 798. Од почетокот на епидемијата, во Хрватска се евидентирани 3.094 случаи на коронавирус. Вкупно се починати 113 лица, во самоизолација се наоѓаат 5.272 лица.

Србија во саботата регистрирала 325 нови случаи на зараза со новиот коронавирус, што е зголемување во однос на петокот кога имаше 309 заразени, а починале уште осум пациенти. Откако на 3 јули епидемиолошката крива достигна 11 жртви во 24 часа, што е најмногу од почетокот на епидемијата во Србија, саботата со осум починати, е третиот најтрагичен исход на дневно ниво од почетокот на епидемијата. Во петокот имаше 11 починати, а на 14 април имаше девет починати. Само во првите четири дена од јули во Србија починале 29 лица, што е вкупно 306 од почетокот на епидемијата на 6 март.
Најголемата спортско-концертна сала во Србија, „Штарк арена“ во Белград, од понеделник ќе биде претворена во привремена болница за пациентите со ковид-19 по последното зголемување на бројот на заразени во земјата. Таа ќе биде опремена со 500 болнички кревети и со сите услови за прием на заболени од ковид-19.

Планирано е во салата да се примаат пациенти со полесна клиничка слика. Ова следуваше откако викендот повеќе од 130 пациенти биле задржани на болничко лекување во Србија.
– Секој ден се примаат повеќе од 100 пациенти на болничко лекување и треба да се обезбедат капацитети за тоа – изјави министерот за здравство Златибор Лончар.
Црногорскиот институт за јавно здравје во саботата потврди 57 нови случаи на зараза со коронавирусот, што е најголемиот дневен раст од почетокот на вториот бран на епидемијата од 14 јуни. Во трите последни седмици се заразиле вкупно 396 лица, од кои четири починале, а две се во животна опасност, соопштија од Клиничкиот центар во Подгорица.
Во првиот бран, кој траеше од средината на март до почетокот на мај, имаше 324 заразени.

Црна Гора прва во Европа се прогласи за дестинација во која нема корона, откако 42 последователни дена немаше регистрирано случаи на заразени со коронавирусот. Црногорските граници од 1 јуни се отворени за земјите што имаат помалку од 25 активни случаи на 100.000 жители.
Во Босна и Херцеговина во саботата имало 289 новозаразени лица, што е најголем број од почетокот на епидемијата. Во ентитетот Република Српска, новозаболени се 103, а во федерацијата 186. Најмногу заразени има во кантонот Сараево. Во РС досега починале 126 лица. Во БиХ досега од коронавирусот биле заразени 5.100 лица, а починале 191.

Во Косово во саботата биле забележани шест смртни случаи, а најмладото лице било на 38 години. Вкупниот број починати од почетокот на епидемијата е 64. Поради влошувањето на епидемиолошката слика, косовските власти воведоа ригорозни контроли за носење маски при влегување во секоја институција. Во Македонија во саботата беа регистрирани 147 нови пациенти и осум починати како последица на заразата.