Изјавата во траење од шеснаесет секунди, која ја даде актуелната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, на телевизиското соочување во вторникот, беше доволна да се „растури“ разузнавачкиот систем на Република Хрватска со обвинување дека во овие структури владее корупцијата, пишува „Јутарњи лист“. На нејзиното тврдење никој од десетте политички противкандидати не изусти ни збор, но главните ривали во претседателската кампања се сомневаат дека ова прашање било поставено наменски за да може претседателката Грабар-Китаровиќ да поентира во телевизиската дебата, но и да испрати порака до одредени структури во безбедносните и разузнавачките служби. Медиумите во Хрватска пишуваат дека таа сака да се „обезбеди во вториот круг на претседателските избори од пласирање информации што би можеле дополнително да ја дискредитираат“.

– Јас со години се борам со корупцијата во самите служби, во СОА и во ВСОА и другите служби. Во согласност со Уставот и законите, соработувам со хрватската влада за насочување на работата на сигурносните служби – изјави Колинда Грабар-Китаровиќ во телевизиското соочување на националната телевизија ХРТ.
Еден ден подоцна, под притисок на јавноста и од противкандидатите Зоран Милановиќ и Мирослав Шкоро, таа даде објаснување дека мислела на случајот за криминал и корупција во Воено сигурносната разузнавачка агенција од пред седум години, за што денес се води и постапка против двајца воени разузнавачи, кои се сомничат за корупција и проневереа на милионски суми.
Во продолжението на изборната кампања претседателката на Хрватска се обиде да ги ублажи своите ставови за состојбата во безбедносните служби. Таа објасни дека „има сведоци и факти на протекување на податоци, но состојбата во СОА сега е малку подобра“.

– Кампањата станува сѐ поцрна, со овој настап на претседателката, таа ги предупредува симпатизерите на своите противкандидати, кои се внатре во разузнавачкиот систем, да не си играат и да не се вклучуваат во кампањата. Сега постои страв нешто да не излезе надвор. Оригинално или исконструирано, не е важно. Поради тоа претседателката тргна во жесток напад – велат неименувани извори од владејачката партија ХДЗ за весникот „Јутарњи лист“.
Со години во јавноста се шпекулира дека снимките од роденденската забава на Грабар-Китаровиќ, која ја организираше Здравко Мамиќ, поранешен раководител во фудбалскиот клуб Динамо, биле пласирани од безбедносните структури.
Претседателскиот кандидат на опозицијата Зоран Милановиќ ја праша претседателката што се случува во безбедносните служби во последните пет години, додека е таа на функција.

– Справувањето со корупцијата во безбедносните служби е нејзина обврска. Зборува за корупција во Воено сигурносната агенција, но чии луѓе се фатени во криминал, затоа што се уништувани сметки, кога беше јасно дека се менува власта. Претседателката вели дека тие се пензионирани, бидејќи не би било чесно да се отпуштат. Токму таа пред две недели пензионира воени функционери што се фатени во шверцување во Задар – изјави Милановиќ.

Мирослав Шкоро, независниот претседателски кандидат што е поддржан од десницата во Хрватска, предупредува дека е „цел на одредени разузнавачки служби“, откако се вклучи во изборната кампања.
– Од пред шест месеци, кога се осудив да проговорам за овие системи, се обидуваат да нѐ дискредитираат и мене и моето семејство. Невкусно е играњето на разузнавачките и параразузнавачките агенции, а нешто доаѓа и од српските опскурни портали што се под контрола на Александар Вучиќ – изјави Шкоро за телевизијата Н1.