Европскиот суд за човекови права донесе пресуда со која се утврди дека има дискриминација кон граѓаните, затоа што во Мостар од 2008 година не се спроведени избори за локалната власт. Поради недоразбирањето меѓу Хрватите и Бошњаците и неможноста да се најде договор за начинот на организирање на градската администрација, во овој град не беа спроведени два изборни циклуса. Пресудата е донесена врз основа на приговорот што во средината на минатата година беше поднесен од мостарката Ирма Баралија, која пред судот во Стразбур се пожали дека ѝ е оневозможено правото да избира и да биде избрана, пренесува дописникот на „Политика“ од Босна и Херцеговина.

Од 2008 година, Мостар е препознатлив како специфичен случај и синоним за неуспех на договорот на етничките заедници, пред сѐ на Бошњаците и Хрватите. Состојбата се искомплицира кога високиот претставник во БиХ, пред 15 години, наметна измени на изборното законодавство и на статутот на Мостар, но не беа усвоени поради разидување на советниците во градското собрание.

Потоа Уставниот суд на БиХ, по поднесената апелација од хрватските претставници, во ноември 2010 година, побара делумна промена на статутот на Мостар, кој во 2004 година го наметна Педи Ешдаун, како и измените на Изборниот закон на БиХ, со што беа оценети како неуставни. Уставните судии утврдиле дека начинот на кој се организирани изборните единици и бројот на градските советници од секоја единица не се во согласност со начелото на еднакво право на глас. На локалната власт ѝ беше определен рок од шест месеци да се усогласат со одредбите на Уставот, а тоа досега не е направено.

Спорно е тоа што од шест мостарски градски подрачја се избира еднаков број на советници за градскиот парламент, иако во овие единици, кои се и поранешни општини, немаат ист број жители, од што произлегува прекршување на правото на еднаков глас. Хрватските партии обвинуваат за дискриминација, додека Уставниот суд на БиХ побара да се промени оваа состојба во градот на Неретва.
Според последниот попис на населението, Хрватите имаат незначително етничко мнозинство, и тврдат дека се оштетени со изборните закони, со образложение дека сегашниот изборен модел е во корист на Бошњаците.

Европскиот суд за човекови права ѝ наложи на БиХ да ги дополни неопходните закони и да овозможи „демократски“ избори во Мостар. Судот определи рок од шест месеци. Доколку ова не биде испочитувано, европскиот суд дава препораки до Уставниот суд на БиХ дека има овластувања да воспостави привремено решение.

Мостар подолго време нема градско собрание, поради што трпат економијата и граѓаните, кои се соочуваат со голем број комунални проблеми. Сега градоначалник е Љубо Бешлиќ, кој е член на ХДЗ за БиХ, и тој сам донесува буџет и одлуки за финансирање на градските институции и комунални претпријатија.