Во Косово има 159.684 невработени, што претставува 31,4 отсто од работоспособното население, јави дописникот на МИА од Приштина.

Нивото на невработеност, според официјалните податоци, е повисоко кај жените одошто кај мажите, покажуваат податоците на косовската Агенција за статистика.
Весникот „Коха диторе“ објави дека нивото на невработеност во последното тримесечје од 2018 година е зголемено за 0,8 отсто во однос на последниот квартал од 2017 година.

Весникот ги пренесува и наводите од извештајот „Трендовите на пазарот на трудот во Западен Балкан 2019“, изработен од Светската банка и од Институтот за меѓународни економски студии од Виена, според кој, Косово има највисоко ниво на невработеност во регионот.

Во извештајот се вели и дека перформансите на пазарот на трудот во Западен Балкан продолжуваат да се подобруваат, иако со намален ритам во однос на претходната година и со сиот зголемен економски раст во регионот.


Српски политичар нападнат од членови на Српската листа

Лидерот на Самостојната либерална партија (СЛС) и пратеник во косовското Собрание, Слободан Петровиќ вчера бил физички нападнат од двајца членови на партијата Српска листа (СЛ), додека се подготвувал да одржи прес-конференција, јави дописникот на МИА од Приштина.
Полицијата го потврди инцидентот и соопшти дека се приведени две лица што се сомничат за физички напад врз трето лице.
Телевизијата КТВ јави дека со Петровиќ физички се пресметале членовите на СЛ, Милан Костиќ и Ненад Миличевиќ.
Откако бил пријавен инцидентот, Костиќ и Миличевиќ биле приведени во полиција, каде што изјавиле дека тие биле нападнати од Петровиќ.
Најголемата партија на косовските Срби, СЛ, пред некој ден објави соопштение во кое го обвини својот некогашен член Петровиќ дека е предавник на интересите на Србија, поради тоа што во Собранието гласал за косовската платформа за дијалогот меѓу Приштина и Белград во Брисел.