Кои се главните кандидати за влез во бугарското собрание и како гледаат
на македонското прашање

Претстојните парламентарни избори во Бугарија ќе бидат уште еден испит за коалициите и партиите во обид да ја освојат наклоноста на електоратот, по двата неуспешни обиди годинава. Се разбира, освен главните поенти на кандидатите во кампањата, нѐ интересираше нивниот однос кон македонското прашање и нивните ставови поврзани со блокирањето на процесите на придружување на Македонија во ЕУ. Се консултиравме со тамошни познавачи на состојбите, кои досега низ објективна призма ги анализираа случувањата.
Според нивните опсервации и нашата сондажа, повеќето од партиите и коалициите се со став што е далеку од принципите пропишани во меѓународното право, а кои се однесуваат на врховното право (јус когенс) ставено во контекст на Договорот за добрососедство со Македонија, вклучувајќи ги и меѓународните конвенции за малцински права и признавањето на правата на македонското малцинство во Бугарија.

ГЕРБ: Преговори со Македонија само со промена на Уставот

Десничарскиот ГЕРБ не успеа да пронајде коалициски партнер за да продолжи да ја води Владата на Бугарија. Партијата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов беше обвинувана од опозицијата за низа корупциски скандали. Во однос со соработката со Македонија, Борисов истакна дека нема да има преговори со Македонија додека бугарското малцинство не биде внесено во македонскиот устав.
– Тие знаат дека нашата поддршка како владејачка партија или опозиција зависи од признавањето на бугарското малцинство. За Македонија и за Албанија е исклучително важно да бидат во Европската Унија – изјави Борисов, по средбата со претставници на бугарското малцинство во Македонија.

ПСП: Тврди антимакедонски позиции

Продолжуваме со промената е новата центристичка партија, која се фокусира на борбата против корупцијата. Оваа партија е формирана во септември од Кирил Петков и од Асен Василев, двајца поранешни привремени министри од техничката влада на Бугарија, образовани на „Харвард“, а доби поддршка со нападот врз корупцијата и критикувајќи го Борисов дека не направил доволно за да се справи со митото во текот на една деценија на власт. При промовирањето на партијата двајцата изјавија дека „не се претседателска партија“, но појаснија дека го поддржуваат актуелниот бугарски претседател Румен Радев. Тој, пак, во предизборната кампања застапува тврди позиции во однос на преговорите меѓу Бугарија и Македонија.

БСП: Левичари со ултрадесни ставови

Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, во предизборната кампањи настапуваше со пет приоритети – социјална политика, борба против нееднаквостите, раст на пензиите, здравствена реформа и борба против корупцијата придружена со реформа на судството. Нивната поддршка во преговорите за составување влада со Има таков народ го условија со изборот на квалитетни кадри за министри. Но подоцна преговорите завршија неуспешно.
Лидерката на бугарските социјалисти, Корнелија Нинова, во нејзините претходни настапи беше категорична дека Македонија не може да стане членка на Европската Унија за сметка на, како што рече, бугарските национални интереси.
– Ние треба да ги заштитуваме категорично националните интереси – рече Нинова за бугарската национална телевизија.

Демократска Бугарија: Да се бара решение за Македонија

Трите партии од коалицијата Демократска Бугарија се залагаат третиот мандат да биде за формирање кризна влада, ако не успеат да постигнат колективен договор. Лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, во обраќањето во националното собрание на Бугарија во јули годинава рече дека мора да се најде решение со Република Македонија. Според Иванов, Бугарија мора да покаже цврстина, но и храброст и да најде решение за проблемот со Македонија во новиот парламент. Вистината, според Иванов, треба да се одбрани, но исто така и треба да се најде начин заедно да станеме членови на европското семејство, бидејќи, како што нагласи тој, тоа е бугарскиот национален стратегиски интерес. Нивните приоритети во новата влада би биле справување со новиот четврти бран на ковид-19 и борбата против корупцијата.

ИТН: Негација на Македонија и македонскиот народ

Рејтингот на партијата предводена од шоуменот Слави Трифонов е во постојан пад, откако Има таков народ, како победничка партија на претходните избори, не успеа да формира влада. Довербата на гласачите ја стекна со критики на владеењето на Бојко Борисов. Трифонов се смета за „политички“ претставник на олигархиските кругови во Бугарија. Тој е познат по негаторските и навредливи изјави упатени кон македонскиот народ.