За време на редовната обиколка на плиноводот на подрачјето на општината Зеница во БиХ, плинската компанија „БХ Гас“ забележала дека на преминот на реката Босна се украдени 30 метри од мостот.

Низ мостот во последните 40 години поминува магистралниот плиновод, а преку него се снабдува и „Арчелор Митал“ во Зеница, но и други потрошувачи од индустриската зона на градот.

„БХ Гас“ наведува дека непознати лица исекле и однеле дел од металната конструкција на мостот, а на тој начин е доведена во опасност безбедноста на луѓето. На одделни места на плиноводот е уништена инсталацијата и постои опасност да биде прекинато снабдувањето.

Станува збор за тешка кражба, бидејќи мостот претставува значајна инвестиција и во неговата реконструкција компанијата „БХ Гас“ вложи значителни средства, по војната.