Во Клиниката за инфективни болести во Загреб од први декември до 15 јануари од грип и воспаление на белите дробови починале 14 пациенти.

Информацијата за „Вечерњи лист“ ја потврди раководителот во Заводот за акутни и респираторни инфекции Рок Чивљак, кој вели дека најголемиот број починати се стари и хронично болни лица.

– Кај некои била потврдена дијагнозата на грип, а кај некои се претпоставува според клиничката слика на пациентот. Некои од починатите имале и грип и пневмонија, некои само грип или само воспаление на белите дробови – изјави Чивљак.

Во Хрватска годишно од грип и воспаление на белите дробови умираат меѓу 500 и 600 лица, но статистиката не го бележи грипот како причинител на смртта затоа што тоа се прави ако е докажана со лабораториска анализа. Поради тоа, бројот на пријавените случаи на грип е секогаш помал од вистинскиот број заболени.

Минатата недела бројот на пациенти заболени со грип надмина над 3.000, а врвот на епидемијата се очекува да биде достигнат во текот на следните две недели, соопштуваат од Хрватскиот завод за јавно здравство.