Бугарија планира до 2020 година да ја заврши изградбата на „Балкански тек“, кој е дел од гасоводот „Турски тек“, a кој води до границата со Србија, изјави рускиот министер за индустрија и трговија Денис Мантуров.

– Бугарија има задача да ја обезбеди изградбата на делот од турско-бугарската граница до линијата за раздвојување меѓу Бугарија и Србија до први јануари 2020 година. Сметаме на исполнување на временските рокови што ги определи бугарската страна, за да се осигури завршетокот на гасоводот до 1 јануари да се испорача гас преку „Турскиот тек“ – нагласи Мантуров.

Руската новинска агенција ТАСС потсети дека Бугарија во август годинава го заврши првиот дел од гасоводот, долг 403 километри. Медиумите завчера објавија дека почнале работите на вториот дел на гасоводот од селото Чуприја до Дунав. Вкупната траса на гасоводот е поделена на четири дела. Делот од „Турски тек“ во Србија ќе почне да се реализира од крајот на април 2020 година. Оваа траса ќе биде од границата со Бугарија и ќе води кон границата со Унгарија. Проектот „Турски тек“ опфаќа изградба на гасовод под Црно Море кон европскиот дел на Турција и кон Грција.