Дритан Дајти

Албанската полиција денеска потврди дека специјалните сили, врз основа на вчерашната наредба од Првостепен суд за тешки кривични дела, извршила претрес во домовите на тројца судии кои ја намалија казната на еден од најопасните криминалци во земјата, Дритан Дајти.

Кај судијата Скендер Дамини била пронајдена муниција и илјадници евра. Претрес е извршен и во домовите на судиите Петрит Алијај и Алекс Никола.

– Државната полиција може да ја потврди операцијата што ја спроведоа специјалните сили … да извршат претрес на домовите на тројцата судии кои на Дритан Дајти му дадоа поблага казна, соопшти полициски претставник.

Како што додаде тој, операцијата е се уште во тек, но може да се потврди дека до сега е пронајдено одредена количина на муниција и илјадници евра.

Дритан Дајти во престрелка во 2009 година уби четворица полицајци, а тој беше повреден. Дајти беше во бегство од 2004 година, кога избега од судењето за убиство на бизнисмен во 1999 година.

По многу одолговлекувања, во 2014 година тој беше осуден за убиствата на полицајците на четири доживотни казни затвор. Но албанската јавност беше шокирана кога во петокот петочлен панел судии му ја намали казната на 25 години затвор.