Ова е најголемата купопродажба на недвижности реализирана во Европа, која е извршена во криптовалутата во вредност од 420 биткоини или 2,5 милиони евра

Компанијата АМИА продала три луксузни апартмани во својот резиденцијален комплекс во местото Завала во Будва и во деловно-станбениот комплекс во близината на Стари Град за 420 биткоини, што е противвредност од 2,5 милиони евра. Ова е најголемата купопродажба на недвижности реализирана во Европа, која е извршена во криптовалута, информираат од компанијата за весникот „Вјести“.
Компанијата кон крајот на минатата година објави дека ја прифаќа оваа дигитална парична единица како валидно средство за плаќање при купување недвижности, како и за плаќање на услугите во нивните ресторани и хотели.

– Добивме нови клиенти, односно луѓе што немаа намера да купуваат недвижности. Меѓу купувачите има млади луѓе, кои своите биткоини одлучија да ги вложат во купување луксузни недвижности во Будва. Нашата компанија, за разлика од многуте што се сомневаат во криптовалутите, е прва во регионот што почна со овој вид продажба. Во светот, а особено во Европа е ограничен бројот на недвижности што можат да се купат со биткоини. Тоа е причината што како потенцијални купувачи се клиентите од целиот свет. Целата постапка може да се изврши на брз и ефикасен начин, што е една од поволностите кога се плаќа во криптовалута – велат од компанијата АМИА.

Еден од купувачите на луксузен апартман е 25-годишниот Французин, а договорот е заведен и кај нотар во Будва. Апартманите се продадени за 2,5 милиони евра, односно за 420 биткоини. Еден биткоин моментално вреди околу 6.000 евра.
Плаќањето се врши преку официјална апликација и парите што се дел од трансакцијата автоматски се конвертираат во евра. Во светот се активни 10.000 платежни места, а на Балканот има само две такви места. Цената на еден биткоин варира и зависи од понудата и од побарувачката. Биткоинот не постои во физички облик и оваа виртуелна валута е во „оптек“ од 2008 година.
Ова платежно средство е децентрализирана валута, што значи дека со неа не управуваат ниедна држава, индивидуалец или група. Според последните податоци од 2016 година, бројот на биткоините се дуплирал и изнесува 12,77 милиони.