Бугарските власти денеска објавија дека уапсиле шест лица осомничени за шпионирање за Русија. Меѓу уапсените има и неколку службени лица од Министерството за одбрана, изјави портпаролот на обвинителството во Софија на прес-конференција.

Државните агенти се обвинети за доставување доверливи информации на шефот на мрежата, поранешен службеник за разузнавање.

Како што беше речено, неговата сопруга, која има руско-бугарско државјанство, играла улога на медијатор со Москва.

Таа му ги пренесувала доверливите информации собрани за Бугарија, НАТО и за ЕУ на вработен во руската амбасада во замена за пари за плаќање шпиони.

Истрагата се потпирала на снимките од надзорните камери и било утврдено дека осомничените се состанувале со водачот на мрежата на јавни места, вклучително и тениски натпревари.

Обвинителството на медиумите им презентира и снимки од разговорите на членовите на групата и фотографија на која осомничената жена влегува и излегува од амбасадата.

Портпаролот на Обвинителството рече дека првпат е идентификувана мрежа од ваков тип во Бугарија, земја со 6,9 милиони жители.

Државниот обвинител Иван Гешев рече дека ова е невиден случај во поновата историја на Бугарија и дека случајот е важен за зачувување на државната безбедност и безбедноста на партнерите во ЕУ, НАТО и САД.