Со средствата за санација на бродоградилиштата би бил изграден автопат од Загреб до Сплит

Петте бродоградилишта во Хрватска од 1992 година испумпале околу пет милијарди евра од државниот буџет, што е еднакво на сумата потребна за изградба на автопат од Загреб до Сплит. Бродоградбата не е стратегиска дејност во Хрватска, туку пералница за пари, објави загрепскиот весник „Вечерњи лист“, каде што се прави анализа за користа на оваа дејност наспроти најавите на Владата, која треба да донесе одлука за стечај односно санација и реконструкција на „Уљаник груп“.

Државата од 1992 до 2017 година на претпријатијата од оваа индустриска гранка им донирала 31,7 милијарда куни. Покрај ова, лани за гаранции за бродоградилиштето „Уљаник“ биле исплатени 3,1 милијарди куни. Само за двете бродоградилишта, „Уљаник“ и „3 Мај“, биле вложени 16,3 милијарди куни, иако тие не работеле профитабилно. Државата континуирано спроведувала санациски програми што биле покривани од даноците на граѓаните.

Аналитичарот Анто Бајо во својот извештај за работата на хрватските бродоградилишта заклучува дека тие претставуваат „пералници на пари“. Тој нагласува дека сите санации во континуитет доведувале до падот на бројот на вработени и вредноста на извршените работи.

Неделава дваесет члена на поранешната управа за бродоградилиштето „Уљаник“ беа уапсени во полициска акција што беше спроведена во соработка со Обвинителството. Портпаролката на хрватското министерство за внатрешни работи Марина Мандиќ изјави дека криминалистичката истрага е поврзана со „спроведување на реструктурирањето на бродоградилиштето во Риека“.