Од денеска во Босна и Херцеговина на сила е законот со кој се забранува и казнува негирање на геноцид и величење на воени злосторства.

Високиот претставник на ОН за спроведување на Дејтонскиот мировен договор во заминување во БиХ, Валентин Инцко, на 23 јули објави дека ги искористил своите овластувања во Бон и наметнал измени во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, со кои се забранува и казнува негирање на геноцид.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека Белград бил информиран и ги следи настаните во Босна и Херцеговина, со порака дека Србија не може да ја остави Република Српска без поддршка во економски и во секој поглед, и дека ќе излезе со предлог како во иднина да се води дијалогот со Бошњаците.

Одлуката на Инцко, да наметне закон со кој се казнува негирање воени злосторства, како што се очекуваше, поинаку е оценета од политичарите во оваа земја, а членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, најави дека таков закон нема да се спроведува во Република Српска и се закани со отцепување од БиХ.