Многу институции потфрлија во спречувањето на трагедиите како во случајот на серискиот убиец

Босна и Херцеговина е постконфликтна земја, а во постконфликтните општества бројот на такви лебдечки психолошки или патолошки бомби е поголем отколку во мирновременски услови, предупредуваат експертите

Случајот со убиството на серискиот убиец Един Гачиќ покажа оти не постоела добра координација меѓу институциите во Босна и Херцеговина, односно во спроведување на системот за извршување на кривичните санкции во затворот и на службите на терен – полицијата и центарот за социјална работа. Најслаба алка во системот за извршување кривични санкции за лишување од слобода во БиХ е т.н. постпенален третман (продолжување на психијатрискиот третман по извршувањето на казната затвор). А тоа значи дека осуденото лице што е условно пуштено врз основа на институтот помилување или по издржувањето на казната, излегува во еден празен социјален и психолошки простор, што значи оти со тоа лице веќе никој не се занимава, предупредуваат експертите, по завршувањето на најголемата потера во БиХ по серискиот убиец, кој се бараше за убиство на еден полицаец и на еден продавач.
Во разговор за „Дојче веле“, познатиот психолог и аналитичар Ибрахим Прохиќ вели дека, иако специфичен, ваков случај не е непознат во практиката.

– Ваков случај може и да се повтори. Постојат луѓе што не се душевно болни, но имаат нарушување на личноста или психопатска структура на личноста. Овие лица се мотивирани да се одмаздат или својата агресивност да ја насочат кон одредени лица. Проблем е ако општеството не сфаќа дека такви поединци ќе има секогаш. БиХ е постконфликтна земја, а во постконфликтните општества бројот на такви лебдечки психолошки или патолошки бомби е поголем отколку во мирновременски услови. Проблем е што оваа опасност нашето општество не ја препознава на вистинскиот начин – предупредува Прохиќ.

Во овој случај грешката е во правосудството, односно во потсистемот за извршување на казната, полицијата, но и кај властите што не успеваат да уредат адекватен систем, додава тој.

– Тој систем пред сѐ е расцепкан и не постои функционална врска меѓу неговите одделни делови. Секако, мислам на Законот за извршување кривични санкции на ниво на БиХ, на ниво на ентитети, дистриктот Брчко итн. Особено е проблематично што не е решено прашањето за згрижување на лицата на кои им се изрекува затворска казна со обврзувачко психијатриско чување и лекување. Додека не го имаме тоа, ваквите случаи нема да бидат исклучок туку правило – вели Прохиќ, за „Дојче веле“.

Веста за неговата ликвидација од страна на полициските специјални екипи ја пренесоа многу светски медиуми. Медиумите во БиХ информираа за тоа дека Един Гачиќ, поради своите религиозни убедувања и националност, бил жртва на тортура на почетокот на војната во Бања Лука. Индекс.хр пишува дека токму тоа се причините поради кои Гачиќ е „малтретиран“ и „прогонуван“ и оти прогонот на несрпското население и уривањето на верските објекти во градот на Врбас значително влијае на неговата радикализација. Тогаш тој имал 18 години. Со неговата мајка Сифета во 1994 година побегнал во Хрватска, но на крајот на војната, во 1995 година му се приклучил на одредот на војската на БиХ, Ел муџахид.
Во 1998 година Гачиќ го убил Исмет Гуниќ, претседател на Здружението на бањалучани во Зеница и за тоа злосторство е осуден на 14 години затвор. За време на слободниот излез ја убил неговата мајка Сифета, за што добил дополнителни 20 години затвор. Казните за двете убиства му се споени, а на слобода е пуштен во 2017 година, по отслужување на три четвртини од законската казна.

Милан Тегелтија, претседателот на Високиот судски и обвинителниот совет на БиХ, во својот статус на социјалните мрежи, посочува на слабостите на кривичното законодавство во земјата. Најголем пропуст, спред него, е тоа што во 2000 година од Кривичниот закон е исфрлена најадекватната и најефикасна кривично правна мерка за сигурност, која треба да се примени во случаите како на Гашиќ. Ова се однесува на одредување задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, која можела да биде изречена со казната, но и независно од изречената казна.

Мерката за сигурност би се однесувала на недореден период и таа може да се изрекува за сторителите на дела, кои се направени доколку лицето ги стори во состојба на непресметливост или во значителна намалена пресметливост. Вториот услов се применува ако се утврди дека со неговата слобода би постоела опасност за сигурноста на луѓето и имотот. Сегашната мерка за сигурност има ограничено траење и е поврзана со казната односно условната казна, која се покажа како неадекватна, смета Милан Тегелтија.