Зголемената конкуренција за користење на плажите во екот на туристичката сезона во Албанија доведе до неколку насилни инциденти, вкучувајќи повеќекратно убиство и подметнати пожари во т.н. „војни за лежалки“. Ваквата тензична ситуација резултираше и со меѓусебни обвинувања од политичарите, како и со ветување за реформи во тамошната полиција.

Четири лица загинаа и две беа ранети во оружениот судир на плажата „Пулај“ во познатото туристичко место Велипоја во северниот дел на Албанија, што ја потресе албанската јавност изминатата недела. Поделбата на сопственоста над песочните плажи каде што се поставени лежалки, помеѓу два хотела, оддалечени 50 метри еден од друг, претставува причина за конфликтот, како што соопшти директорот на полицијата во Скадар, Нико Брахимај. Жртвите се на возраст од 20, 25, 38 и 59 години, а двајца од нив се браќа. Повредените се на 17 и 54-годишна возраст. Полицијата соопшти дека за убиствата се осомничени две лица кои моментно се во болница во Тирана, додека уште неколкумина се барани од страна на законот. Запленети се два пиштола, еден на местото на злосторството и друг за време на претресот во еден од хотелите.

Набргу потоа, на плажа во албанскиот приморски град Дримаде изгореа 60 лежалки, а полицијата се сомнева дека пожарот бил подметнат. Бил формиран и тим што ќе го истражи инцидентот за кој постои сомневање дека станува збор за конфликт меѓу сопствениците на барови на плажа околу користењето на крајбрежјето во оваа област. Лежалките наводно му припаѓаа на 55-годишен бизнисмен кој неодамна добил дозвола за користење на плажата.

Инцидентите негативно влијаат врз угледот на Албанија токму на почетокот на туристичката сезона, според албанските медуми. По оружениот инцидент, остро реагираше албанскиот претседател Илир Мета, посочувајќи дека „плажите и центрите на не заслужуваат да личат на боиштата на Дивиот запад“. Тој вели дека станува збор за шокантен настан што бара целосно истражување на околностите и причините што довеле до жртви.

Опозициската Демократска партија ја обвини владата на Еди Рама оти „ги мие рацете“ од „капитулацијата на редот и безбедноста во државата“, посочувајќи ја како виновна за крвопролевањето.

Градоначалничката на Скадар, Волтана Адеми, пак, ги критикуваше Министерството за туризам и другите надлежни служби, нагласувајќи дека „загубата на четири човечки животи можела и морала да биде избегната“, доколку институциите „делувале во согласност со овластувањата за плажите“. Таа смета дека сериозниот инцидент во Велипоје треба да биде силен аларм за државните структури.

Албанскиот министер за внатрешни работи Бледи Кучи вети дека ќе ја реформира полицијата за поголема вклученост, по двата насилни инциденти во врска со користењето на јавните плажи.

Туризмот кој е важен за албанската економија, беше силно погоден од пандемијата. Недостигот на странски туристи во 2020 година придонесе за падот на националниот БДП минатото лето, а Тирана ги полага надежите за економско закрепнување токму во успешната туристичка сезона. Хотелите го сметаат изнајмувањето на лежалки на плажите за важен дополнителен извор на приходи, особено по слабата туристичка сезона минатото лето. Медиумите посочуваат дека во тековната сезона најголемиот дел од туристите во Албанија доаѓаат од Косово и од Македонија.