Албанската национална агенција за храна запленила два контејнера со пилешко месо увезено од Бразил.

Станува збор за 50,2 тони месо, кај кое по извршените анализи на земените мостри било утврдено присуство на високо ниво на салмонела.

Агенцијата во соопштението наведува дека во тек е процедурата за враќање на месото, откако ќе биде комплетирана потребната документација.

Во текот на оваа година, блокирани се и вратени пет други контејнери со 130 тони месо увезено од Бразил.

– Во изминатиот период од годинава од Бразил се увезени 195 контејнери со месо при што секој од нив строго е анализиран и контролиран. Ефикасните контроли заедно со квалитетот на анализите се гаранција дека производите кои се пуштаат на пазарот се безбедни- стои во соопштението на Агенцијата.

Бразил е главен извор на живинско и свинско месо за албанските увозници. Од март лани, откако истражителите открија дека бразилски здравствени инспектори биле потплатени да го занемарат фактот дека на голем број пратки им е истечен рокот, албанските власти детално го контролираат месото увезено од оваа најголема јужноамериканска држава.