Една седмица по избувнувањето на немирите на северот на Косово, меѓу приштинските власти и српската заедница за српските регистарски таблички, не се смируваат тензиите и провокациите од двете страни со воена техника. Зголемен број на воена техника е сѐ уште присутен на двете страни на српско-косовската граница

Една недела тензии на српско-косовската граница

Една седмица откако се појавија тензиите на косовско-српската граница на северот од земјата не се смируваат атмосферата и провокациите меѓу двете страни, по одлуката на Приштина ненајавено да започне да ги отстранува српските регистарски таблички на возилата од северот на Косово, но и оние од централана Србија што влегуваат во земјата.
Состојбата и понатаму е критична, и покрај сѐ погласните апели на меѓународната заедница за смирување. Медиумите од Балканот пренесуваат дека војската на Србија викендов ги преместуваа тенковите од Рашка кон административниот премин со Косово Јариње.
Во исто време, повеќето регионални медиумски куќи објавија снимки во кои српското воздухопловство со авионите „миг-29“ и „Ј-22 орао“, но и неколку ескадрили на борбено-транспортни хеликоптери „ми-35“ кружеа во воздушниот простор над административниот премин Јариње. На овие зголемени воени маневри, кои медиумите ги оценија како класично билдање на мускулите на Србија, од косовска страна беше одговорено со испраќање дополнителни полициски сили и оклопни возила на северот во Косово.
Косовскиот премиер Албин Курти, во врска со нападите на објектите за регистрација во северниот дел од земјата што се случија во петокот вечер спроти саботата во општините со мнозинско српско население, Зубин Поток и Звечан, ја обвини Србија дека ги користи косовските граѓани за да предизвика сериозен меѓународен конфликт. Курти на својата страница на Фејсбук напиша дека овие акти се дело на криминалци и дека е „јасно оти тие се поттикнати и поддржани од Србија, односно од тамошниот автократски режим“.

– Поединци или групи на кои владеењето на правото и јавната безбедност им ги загрозуваат криминалните активности ја напаѓаат нашата држава и го загрозуваат мирот. Јасно е оти тие се поттикнати и поддржани од Србија, односно од тамошниот автократски режим. За жал, пред очите на меѓународната заедница, Србија користи граѓани на Косово за да испровоцира сериозен меѓународен конфликт – напиша Курти.
Тој порача дека таквите напади нема да се толерираат и ги повика граѓаните да останат спокојни и да соработуваат со институциите. Косовскиот премиер вчера одржа и седница на Советот за безбедност во Приштина, каде што властите зазедоа единствен став дека земјата мора со претпазливост да одговори на провокациите од Белград.
Викендов реагираше и Министерството за европски и надворешни работи на Албанија, кое ја повика Србија да ги повлече своите сили распоредени на југот на Србија, во близината на Косово. Во соопштението на албанското министерство се наведува дека Албанија особено ја загрижуваат извештаите за српските воени сили упатени, како што се истакнува, „во близината на границата со Косово“ и воените авиони што летаат блиску и над „воздушниот простор на Косово и предизвикуваат тензии“. Тие тензии, според албанското министерство, поттикнуваат поединци да предизвикуваат немири и насилство и имаат цел да го дестабилизираат Косово.
Од друга страна, српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, изјави дека српското МВР и неговите единици и војската на Србија се подготвени да одговорат на секоја ескалација, но и дека ќе сторат сè за да избегнат какви било конфликти, нагласувајќи дека вооружените единици на Приштина мора да се повлечат од северот на Косово.

– Србија има право со хеликоптери да го контролира секој дел од својата територија до административната линија, и тоа се наши редовни активности. Се разбира, сега нашиот интерес за таа област дополнително се зајакна и загрижени сме што вооружени луѓе стојат спроти невооружени цивили – изјави министерот Вулин во утринската програма на ТВ Прва.
По повод актуелната ситуација на Косово, претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, оцени дека се работи за „војна на нерви“ и дека ќе победи оној што ќе задржи ладна глава. Дачиќ за ТВ Пинк изјави дека таму се води голема дипломатска битка, дали ќе се продолжи со еднострани дејства или нема да се дозволат, а она што е потпишано претходно ќе се почитува, додавајќи дека Србија ја очекува интензивен период.
Регионалните безбедносни експерти неколкупати од почетокот на случувањата на северот од Косово потенцираа дека Алијансата мора да придонесе за сигурноста во регионот, но во исто време земјите од опкружувањето, меѓу кои и Македонија, треба со будни очи да ги следат од час на час немирите северно од нашата земја.