Градоначалникот на Бања Лука, Игор Радојичиќ доцна синоќа прогласи вонредна состојба во дел на градот, во населбите долж водотекот Врбање и по течението на реката до Врбас.

Утринава ситуацијата е подобра, во однос на падот на водотеците и повлекувањето на водите во областите каде што имаше поплави по вчерашното невреме. Како една од превентивните мерки кои се преземаат во Бања Лука, денеска училиштата и детските градинки не работат.

Во текот на минатата ноќ, беа ангажирани комплетниот состав на цивилната заштита и сета расположлива техничка опрема за да се одбранат критичните точки на водотеците, а најголемо пробив на водата беше во областа покрај водотеците во Чешми и Лазарево. Во овие населби беа поплавени повеќе куќи.

Обилните дождови вчера предизвикаа поплави во северозападниот дел на Република Српска, а кај Бања Лука дојде до излевање на едно вештачко езеро.