Претседателството на Собранието на Косово одлучи вонредната седница, свикана по барање од опозицијата, за расправа во врска со дијалогот со Србија и иницијативата на косовскиот претседател Хашим Тачи за „корекција на границите“, да се одржи денеска, јави дописникот на МИА од Приштина.
По завршувањето на седницата на собраниското Претседателство, парламентарниот спикер Кадри Весели изјави дека очекува долга дебата. Тој не одговори на новинарските прашања.

Пратеникот на опозициската Социјалдемократска партија (ПСД) Дардан Сејдиу изјави дека очекува денеска да се усвои резолуцијата со која ќе му се забрани секому, па и на претседателот на државата, да преговара во врска со територијалниот интегритет на Косово. По ова, рече тој, дијалогот ќе се врати во Собранието.
На новинарите им се обрати и шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти, кој побара и од партиите од владејачката коалиција да ја поддржат резолуцијата.

Покрај опозициските партии, на намерите на Тачи да се договара со српскиот колега Александар Вучиќ за размена на територии, се спротивставуваат и две од трите албански партии во владејачката коалиција – Алијансата за иднината на Косово (ААК) на премиерот Рамуш Харадинај и Иницијативата за Косово (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај. Тачи има поддршка единствено од неговата некогашна партија, Демократската партија на Косово (ПДК), на чие чело сега е претседателот на Собранието Кадри Весели.
Се очекува пратениците на ААК и Нисма да гласаат за резолуцијата изработена од опозицијата.