Лидерите на најголемите партии од владејачката коалиција во Косово, премиерот Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово (ААК), претседателот на Собранието Кадри Весели (Демократска партија на Косово – ПДК) и вицепремиерите Фатмир Лимај (Социјалдемократска иницијатива – Нисма) и Беџет Пацоли (Алијанса Ново Косово – АКР) се собраа доцна попладнево на вонреден состанок во премиерскиот кабинет, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според партиски извори, средбата е свикана по последните несогласувања меѓу премиерот и собранискиот спикер околу таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, а медиумите во Приштина коментираат дека од исходот на вечерашниот состанок зависи судбината на Владата на Харадинај.

Весели, кој на почетокот тврдеше дека токму тој инсистирал да се воведе такса од 100 отсто на увозот од Србија, сега предлага нејзино суспендирање на 120 дена, со цел, како што изјави, да се удоволи на барањата на САД и Европската унија. Премиерот Харадинај овој предлог го одби и останува на ставот дека Србија не исполнила ниту еден од условите за укинување на таксата и дека таа ќе остане на сила се додека Србија не ја признае независноста на Косово.

За укинување на таксата силно се залага и претседателот на Косово и поранешен лидер на ПДК, Хашим Тачи, кој смета дека е тоа неопходно за да се деблокираат преговорите меѓу Приштина и Белград, кои беа прекинати минатиот ноември откако Владата на Харадинај ја донесе спорната одлука.