Воислав Шешељ повторно е избран за претседател на Српската радикална партија, на десеттиот конгрес на СРС што се одржа денеска во куќата на Шешељ во Хртковци.

Конгресот, на кој присуствувале 449 делегати, почнал со интонирање на српската и руската химна, пренесува „Танјуг“.

ЛДП и Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина претходно побараа од државните органи да донесат забрана за одржување на конгресот на СРС. Минатата година, Министерството за внатрешни работи забрани митинг на радикалите во Хртковци.

Шешељ на конгресот, коментирајќи го барањето за забрана, рекол дека тој не направил злосторство во Хртковци и дека ќе го докаже тоа.

– Ниту еден Хрват не е депортиран – рекол Шешељ.

Тој, исто така, рекол дека СРС е спремна за дијалог со опозицијата во Парламентот. Најавил дека радикалите во Собранието ќе ги поддржат измените на кривичниот законик кои подразбираат доживотна казна за убиство на деца и бремени жени, но дека ќе бара нова одредба со која секој кој би кажал дека е направен геноцид во Сребреница да биде осуден на доживотен затвор.