На Косово во тек е пререгистрацијата на возилата со српски регистарски таблички со ознаки КС односно РКС. Пререгистрацијата е резултат на Бриселската спогодба за слободно движење што беше постигната меѓу Белград и Приштина, пишува РТК Лаив.
Заменикот на косовскиот министер за внатрешни работи, Милан Радољевиќ, за локално радио изјави дека сите сопственици на возила со регистарски ознаки КМ, ПР, ГЛ и слично можат да извршат пререгистрација на возилата со ознаки КС или РКС.
Висината на пререгистрацијата зависи од возилата, а регистрацијата на Косово е поскапа во споредба со централна Србија.

Бриселската спогодба од 2011 година предвидува дека сите сопственици на автомобили со живеалиште на Косово мораат да користат регистарски таблички КС (Косово) или РКС (Република Косово), а со тоа да се исфрлат од употреба табличките од МВР на Србија издадени со Србите од Косово со ознаките КМ (Косовска Митровица), ПР (Приштина), УР (Урошевац), ПЗ (Призрен), ГЛ (Гњилане), кои властите од Приштина ги сметаат за нелегални. Сопствениците на овие возила можат да сообраќаат само во општините на северот на Косово, во кои има мнозинско српско население и само преку граничните премини Брњак и Јариње на северниот дел на Косово.

Бриселската спогодба за регистрација на возилата со КС-таблички е реализиран само во српските општини што се јужно од реката Ибар, но не и на северот на Косово, каде што граѓаните се противеа да ги пререгистрираат. Некои дури не ги ни регистрираа и беа толерирани од косовската полиција.
Новиот договор за регистрација на возилата од 2016 година, покрај укинувањето на српските таблички предвидува и забрана за пробните таблички што Србија ги издава за возила со РКС-ознаки, објави „Данас“.