Извршуваат широк спектар задачи за цивилни и за воени цели

Ниската цена на чинење во споредба со други воздухоплови (како авиони или хеликоптери) и способноста автоматски, но и рачно, да извршуваат повеќе задачи одеднаш, се некои од причините поради кои балканските држави во последно време сѐ почесто со дронови ја модернизираат својата воена авијација

Државите од регионот изминатиов период интензивно набавуваат беспилотни летала за воена употреба, пренесуваат регионалните медиуми, според кои безбедносните експерти тоа го објаснуваат со ниската цена на чинење во споредба со други воздухоплови (како авиони или хеликоптери), способноста автоматски, но и рачно, да извршуваат повеќе задачи одеднаш и со можноста за извршување широк спектар задачи за цивилни и за воени цели.
Последната таква вест доаѓа од соседната Бугарија, која има намера да се вооружи со воени дронови и воена техника. Тамошните медиуми информираат дека Министерството за одбрана на Бугарија веќе ја има испратено поканата за соработка до 24 фирми во светот што произведуваат таква воена опрема.

– Оваа набавка на беспилотни летала на Бугарија следува веднаш по набавката на американски воени авиони Ф-16, а во тек е купувањето на два воени брода и 150 транспортери – пишува софиски Дневник.
И грчката телевизија Антена неодамна информира дека Грција се договорила со САД да купи три беспилотни летала „ем-кју-9 рипер“ со две копнени сервисни станици. Според информациите на телевизијата, договорот меѓу двете земји вклучува и стационирање на два авиони-танкери во базата во грчкиот град Лариса, а по летниот период ќе пристигне и новата генерација американски дронови „глобал хок“.
Од друга страна, регионалните медиуми информираа дека Србија на почетокот од годинава објавила повик за набавка на вооружени беспилотни летала од Кина, за која се тврди дека е најголемата воена продажба на Пекинг во Европа од крајот на Студената војна. Според информациите во медиумите, станува збор за дроновите „пегасус“ кои се наменети за патрола и, според спецификите, може да летаат без престан 12 часови во радиус од 100 километри.
Натаму, белградскиот печат додава дека во наредните месеци оваа балканска земја планира да набави уште девет кинески дронови од моделот „винг лонг“ . Овие летала се далечински пилотиран авион, кој веќе е во армиска употреба во голем број азиски и африкански држави, како Обединетите Арапски Емирати, Нигерија, Пакистан, Индонезија, Казахстан, Саудиска Арабија, Узбекистан и Египет.
И загрепскиот весник „Вечерњи лист“ објави дека Хрватска планира во втората половина од годинава да ја надгради својата авијација со десетина супермодерни беспилотни воени летала. Весникот информира дека набавката на леталата ќе се врши преку јавен оглас, на кој ќе конкурираат светските компании што произведуваат ваква воена техника.

Што се однесува до Македонија, познато е дека нашата армија и полиција поседуваат соодветен арсенал на беспилотни летала за безбедносна употреба. Првата поголема набавка на ваквиот тип летала нашата држава ја направи во 2004 година, кога го купи дронот „хермес 450“. Ова летало произведено од израелската компанија „Елбит системс“ е наменето за долги тактички мисии, кои бараат голема издржливост. „Хермес 450“ може да помине и до 20 часа непрекинато во лет, примарни мисии му се извидување, надзор и можност за комуникации, а може да носи и два противоклопни проектила АГМ-114 („хелфаер“), односно две ракети „рафаел“.
Потоа, во декември 2013 година, од американска донација, АРМ доби две беспилотни летала вредни околу шест милиони долари. Според спецификите, овие беспилотни воени летала најдобро снимаат од 150 метри, бесшумни се и лесни, а со нив командува Првата моторизирана бригада на АРМ.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека го разбира трендот на набавка на овој тип вооружување со беспилотни летала. Тоа, според него, се должи на фактот дека земјите од регионот инвестираат во овој тип летала, бидејќи тие имаат релативно ниска цена во споредба со воените хеликоптери и авиони, вршат слична дејност, но и истовремено, доколку едно вакво летало биде уништено, нема човечки жртви, бидејќи пилотите управуваат со овие летала од безбедни локации.
Стефановски во исто време додава дека, освен што нивната употреба за воените цели е широка, тие може да се користат и за надгледување и заштита на објекти, гранични премини и слично.

[email protected]