Загреб загрижен од воената кампања во Белград

Посетата на рускиот министер за одбрана и најавата за испорака на руски ракети за српската војска беа проследени со нагласено медиумско внимание, со истакнување на изјавите на официјални лица во Србија дека „ќе станат највооружената држава во регионот“

Првата испорака на шест системи за противвоздушна одбрана „панцир Ц1“, која Србија ја нарача од Русија, треба да биде завршена до крајот на оваа недела. Медиумите во Србија со денови пишуваа за големиот подарок што ќе го донесе рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, кој завчера го посети Белград, што е израз на „пријателството на двете земји, кои ја остваруваат историски најголемата воена соработка“. Наместо моќното оружје, гостинот од Русија на својот српски пријател Александар Вучиќ му подари брошура од своите цртежи, графики и изработки во дрво! Како што забележа Н1, во јавните настапи и соопштенија од средбите со Сергеј Шојгу, не биле споменати ракетните системи „панцир“, што се дел од претходните договори за воена соработка меѓу Србија и Русија. Првиот договор меѓу двете земји е потпишан во 2013 година, а Србија од 2016 година само за набавка на руското оружје издвои околу 600 милиони евра.

Воениот аналитичар Александар Радиќ вели дека најавата дека овој систем пристигнува до крајот на февруари е испратена од српскиот државен врв, но како што забележува тој, рускиот министер за одбрана, со неговата воздржаност сака да испрати сигнал дека Русија не сака потезите на воен план да се користат во дневнополитички маркетинг.
– Ова не ѝ пречи само на Русија и затоа треба да се гледа со одредена доза воздржаност. Но прашање е дали ќе има нови договори, од причина што претседателот на Србија Александар Вучиќ, по состанокот со претседателот на Белорусија, во декември лани, најави дека Србија ќе престане да купува оружје – вели Радиќ за Н1.
За нагласената медиумска кампања во Србија со набавката на руските ракети пишува и хрватскиот весник „Јутарњи лист“, со нагласување на изјавите на официјални српски лица дека „ќе станат највооружената држава во регионот“.

– Шојгу е пречекан со голема помпа и тоа на 12-годишнината од прогласувањето на независноста на Косово. Неговата посета се поклопува со растечката напнатост на односите меѓу Србија и Црна Гора поради Законот за слобода на вероисповед, најновата криза во Босна и Херцеговина и изјавите на Милорад Додик за заминување на Република Српска од БиХ во наредните десет години – пишува „Јутарњи лист“. Весникот потсетува на договорот за испорака на 12 современи руски противвоздушни ракетни системи „панцир“ и набавката на хеликоптери од типот „ми-17“ и „ми-35“, тенкови и авиони „миг-29“.
Министерот за одбрана на Србија Александар Вулин, одговори дека хрватските медиуми „лошо ја прикриваат зависта поради јакнење на војската на Србија“.
– Колку српската војска е посилна толку повеќе мирот на Балканот ќе биде потраен и побезбеден. Пријателите на мирот се радуваат на јакнењето на војската на Србија, а непријателите се лутат – изјави Вулин.

Полковникот во пензија Милоје Пршиќ, во емисијата „Светот со Спутник“, рече дека воените односи меѓу Србија и Русија се на највисоко ниво досега.
– Западот и НАТО не прифаќаат кога некоја точка, во зоните што тие ги сметаат за свои, да покажува самостојност, односно да претставува потенцијална можност да им се спротивстави во некое дадено време – вели Пршиќ.
Генералот во пензија Видосав Ковачевиќ е задоволен од тоа што Русија го поддржува статусот на Србија за воена неутралност, за што е потребно и поседување „сериозна воена сила“.
– Сега можеме да кажеме дека сме доволно силни да се браниме. Ние нема да напаѓаме. Средствата што се набавуваат се одбранбени и Србија во таа смисла е многу силна – изјави Ковачевиќ.