Планот на белградските власти за изградба на ски-патеки со жичница на Авала, која е ставена под заштита на државата како природно добро, предвидува и нова сеча на дрвја и уништување на шумите и животната средина. Ова предизвика и многу коментари од белграѓани, кои реагираа и на идејата за изградба на гондола на Калемегдан, кој е заштитен културно-историски споменик. Реализацијата на гондолата е прекината поради постапката што се води пред Уставниот суд во Белград, поради непочитување на правната рамка од страна на предлагачите на овој проект.

За изработка на проект за ски-патека на Авала и за негова реализација се предвидени да се потрошат околу пет милиони евра. „Данас“ пишува дека сѐ уште не е изработена студија за влијанието врз животната средина, со оглед на тоа што подрачјето на Авала е ставено под заштита како природно богатство. Локацијата на која треба да се ски-терените е во зоната на која е пропишан трет степен на заштита, што подразбира забрана за сечење на шумата и изведување градежни работи, кои ќе ја нарушат стабилноста нa теренот, како и забрана за изградба на нови објекти. Покрај ова, со Законот за шумите е забрането пустошeње на шумите како и сеча на заштитени видови дрвја, кои ги има и на Авала.

За архитектката Љубица Славковиќ, особено е проблематично тоа што не е познато во кoј степен проектот за изградба на ски-центар на Авала ќе ги наруши растителниот и животинскиот свет и екосистемот на оваа планина близу Белград.

– Ова е уште еден проект во низа како и сите други во Белград, кои се изработуваат нетранспарентно, спротивно на интересите на граѓаните. Целиот град е раскопан и граѓаните бегаат да се одморат на Авала. Нашите градски власти ќе ја нападнат и оваа ретка природна оаза. Ова покажува каков е односот на власта и на институциите кон потребите на граѓаните. Под изговор дека ќе се привлечат туристи, се повторува истата матрица. На сите тие проекти со големи букви пишува – корупција. Власта се обидува да го стави тоа под килим и тоа е чист грабеж на финансиските и природните ресурси на граѓаните – вели Славковиќ, за „Данас“.

Звездан Калмар од Центарот за екологија и одржлив развој потсетува на практиката во Србија за сите поважни проекти да се работи на нетранспарентен начин и тие се прават по политички одлуки, а не според соодветните процени за влијанието на животната средина и интересот на граѓаните.

– Иста е состојбата и со изградбата на гондола, на малите хидроцентрали… Без еколошка и стратегиска процена не смее да се пристапува кон следните фази од проектот. Во оваа рана фаза е потребно да се направи јавна расправа за прифатливоста и оправданоста, а потоа да се почне и со изработка на документацијата. Во спротивно ќе се доведеме во состојба некој да го напаѓа проектот, а власта да го брани – вели Калмар.

Драгослав Шумарац, поранешен министер за градежништво, се сомнева дека целиот ски-центар ќе се изгради за пет милиони евра. Тој потсетува дека температурата во наредните сто години ќе се зголемува така што е нејасно како воопшто ќе се исплати овој проект.

– Фабрика за правење вештачки снег е прескапа, за тоа е потребно многу вода. Знаеме дека населбите под Авала се често без вода. Подобро е да се изгради канализација, а од ски-центарот граѓаните немаат да имаат некаква корист. Тоа е само уште еден популистички проект на оваа власт – нагласува Шумарац.

Политичките партии се јавија со свои реакции за оваа идеја на белградските власти. Од Нова партија посочуваат дека белградската власт ги смета зелените површини за свои природни непријатели. Со ски-центарот на Авала, Српската напредна партија што е на власт во Србија, ќе му ги оштети белите дробови на Белград, кој и сега се соочува со проблемот за свеж воздух и тој е меѓу најзагадените престолнини во Европа, се наведува во реакцијата на Новата партија.