Кога станува збор за изворите на лажните вести, во ЕУ најчесто ја споменуваат Русија

Хрватска поактивно ќе се вклучи во борбата против лажните вести што се пласираат за да се предизвика забуна во јавноста. Меѓу другите мерки се предвидува да се именува национална контакт-точка, чија задача е при појава на намерно пласирана дезинформација во реално време да ги алармира другите членки на Европската Унија преку системот за брзо алармирање и заштитена дигитална платформа, која треба да проработи пред европските избори. Контакт-точката и системот за брзо алармирање се дел од акцискиот план на Европската комисија, која се одлучи на овој чекор поради најавените избори, но и поради трендот на лажните вести и дезинформации, кои многу често се поврзуваат со популистичките движења, со кои се урива довербата на граѓаните во институциите, пишува „Вечерњи лист“.

– Хрватските граѓани повеќе се изложени на лажни вести од оние во ЕУ. Поради тоа хрватските власти го поддржуваат донесувањето на акциски план против дезинформациите, затоа што за овој предизвик и закани е потребно да се обезбеди координиран европски одговор, особено во пресрет на европските избори, но и долгорочно – велат од Министерството за надворешни и европски работи.

Одлуката за натамошните чекори ќе биде донесена во координација и соработка со партнерите од ЕУ. Податоците од истражувањето на евробарометарот од март лани покажуваат дека Хрватите ги забележуваат лажните вести повеќе од просекот на ЕУ.

Дури 47 отсто од испитаниците од Хрватска изјавиле дека веруваат дека секојдневно се соочуваат со лажни вести, а 29 отсто сметаат дека дезинформации во јавниот простор наидуваат во просек еднаш неделно. Ова е голема разлика споредено со просекот на ЕУ, според кој 37 отсто од испитаниците веруваат дека секојдневно се изложени на дезинформации. Повеќе од 40 отсто од Хрватска сметаат дека лажните вести се реален проблем за државата, но и за демократијата воопшто. Во истражувањето најлошо е оценета веродостојноста на интернет-медиумите, додека на другата страна се радиото, телевизиите и печатените медиуми.

– Хрватска во 2017 година донела стратегија за национална сигурност и закон за систем за национална сигурност. Со воспоставувањето на овој систем се препознаваат новите безбедносни предизвици и ризици, како и хибридното дејствување, вклучувајќи ги и дезинформациите. Препознаена е важноста од координирано дејствување на сите чинители на националната сигурност во Хрватска како одговор на современите безбедносни закани и ризици – објаснуваат од Министерството за надворешни работи, во изјава за „Вечерњи лист“.

За акцискиот план, според најавите, ќе се расправа и на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, а фокусот ќе биде ставен на четири подрачја. Институциите на Унијата треба да ја зголемат способноста за откривање, анализа и разоткривање на дезинформациите и, секако, за преземање заеднички одговори за лажните вести. Се предвидуваат мобилизација на приватниот сектор и јакнење на свеста за дезинформирањето, како и подобрување на општествената отпорност.

– За спроведување на планот клучно е да се јакне довербата на граѓаните во институциите на национално ниво и на ново на ЕУ, да се информираат за ЕУ и да јакнат одговорите на кампањата за лажни вести, кои имаат за цел дестабилизација на демократскиот систем и процеси, поттикнување на популизмот и намалување на вредноста на ЕУ, како и постигнување на нејзините цели – велат од хрватската влада.
Хрватска ги поттикнува мерките за јакнење на отпорноста на општеството на дезинформациите, особено со ширење на медиумската писменост, со иницирање на критичкото размислување, позитивната и конструктивната комуникација и на развојот на партнерските односи меѓу јавниот и приватниот сектор, особено на социјалните мрежи.

Кога станува збор за изворите на лажните вести, во ЕУ најчесто ја споменуваат Русија. Уште во 2017 година Хрватска во писмото до високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, побара јакнење на борбата против руската пропаганда. Меѓутоа, покрај проруските извори, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, апострофира уште еден извор на дезинформации. Тој на Европскиот совет му порача дека во неговиот состав седат некои премиери што придонесуваат за ширење на лажните вести, притоа споменувајќи го и унгарскиот премиер Виктор Орбан со неговите изјави поврзани со брегзит и со мигрантите.