Коалициските партнери на ХДЗ вчера одржаа состанок со премиерот Андреј Пленковиќ, на кој била разгледана опцијата за оставка на министерката за економија, Мартина Далиќ, откако во јавноста беа објавени мејловите со кои таа разменувала доверливи информации со сопствениците на брокерски куќи, адвокати и консултанти што биле ангажирани на изработка на посебниот закон за санација на „Агрокор“.
– По овие мејлови сосема е јасна потребата од итен состанок на владејачката коалиција. Другите партии не треба да го носат товарот од тоа за што воопшто не се виновни – изјави Милорад Пуповац, претседателот на ССДСС.

Претседателот на ХСЛС Даринко Косор изјави дека овој случај треба да биде предмет на истрага на ДОРХ, а од ХНС испратија порака дека Далиќ треба да си поднесе оставка ако се утврди дека содржината од мејловите се автентични.
– Тоа што се договарало носење закон во ресторани е прашање на морал, но кога ќе се види дека нејзините момци го подготвувале законот, а потоа биле ангажирани како советници, го наметнува ставот дека таа треба да си замине од функцијата – изјави неименуван функционер од коалициските партнери на ХДЗ.

Меѓу владините партнери преовладува ставот дека Далиќ претставува преголем товар за актуелната влада на Хрватска и таа треба да се повлече. Но премиерот Пленковиќ за медиумите најави дека сѐ ќе биде добро.
Мартина Далиќ вчера изјави дека нема намера да поднесе оставка, а за целиот случај рече дека нејзините изјави во мејловите биле извадени од контекст.

– Зошто мислите дека сум ја изгубила довербата? Со нападите на Владата се обидуваат да остварат свои интереси некои групи, вклучувајќи го и сопственикот на „Агрокор“. Овие напади се начин за да се спречи спогодбата со доверителите – изјави таа.
Хрватското здружение на земјоделците побара оставка од потпретседателката на Владата и министерка за економија Мартина Далиќ, затоа што таа со инкриминираните мејлови го доведе во опасност спроведувањето на законот за „Агрокор“ и опстанокот на фирмите од земјоделскиот сектор.

– Далиќ им давала доверливи информации на своите момци од хотмејл-групата, кои се однесувале за работењето на „Агрокор“, а тие биле и советници во разни брокерски куќи што тргувале со акциите на земјоделските фирми и затоа таа мора да си поднесе оставка – изјавија од ХЗЗ.