Вкупно седум лица се полесно повредени по лизгањето на земјиштето на плажата „Навагио“ на грчкиот остров Закинтос. Сите повредени биле пренесени во Општата болница на островот, три лица се пуштени, додека пак едно четиричлено семејство од Чешка е задржано на лекување. 34-годишна жена се здобила со повреди на ‘рбетот, додека пак нејзиниот сопруг и двете деца имаат полесни повреди и се превентивно хоспитализирани

Како што јави дописничката на МИА од Атина, според грчката крајбрежна служба кусо по 13 часот заврши процесот на пребројување на туристите кои што со бродовите стигнале на плажата и било констатирано дека нема исчезнати лица, додека пак плажата превентивно беше евакуирана и е забранет пристапот за бродови и чамци.

Во акцијата за спасување и пронаоѓање на евентуално исчезнати лица на популарната плажа на Закинтос, учествува пожарникари заедно со куче за спасување.

Како што претходно објави МИА, претпладнево на популарната плажа „Навагио“ на грчкиот остров Закинтос, од засега непознати причини почнале да паѓаат карпи од голема височина, предизвикале силни бранови кои ги превртеле чамците и бродовите што во тој момент се наоѓале во близина на плажата.

– Се слушна врева и падна мал дел од карпа, потоа втор поголем дел и трет дел што создаде вител во морето што ги преврти чамците, вели за грчката новинска агенција АНА-МПА, очевидец, член на екипажот на еден брод.