Премиерите на земјите од Вишеградската група се заложија во Прага за забрзување на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, а чешкиот премиер Андреј Бабиш рече дека би било идеално Србија и Црна Гора да му се приклучат на европското семејство пред крајот на 2027 година.

– Нема сомнеж дека преговорите со Србија и Црна Гора ќе се забрзаат и оти ќе можеме да ги вклучиме овие две земји во европското семејство што е можно побрзо, идеално би било пред крајот на 2027 година – рече Бабиш и ја поздрави можноста за отворање на пристапни преговори со Република Македонија и Албанија во октомври годинава.

Тој нагласи дека Чешка секогаш се залагала за блиски врски помеѓу ЕУ и Западен Балкан.

– Денеска усвоивме декларација во која изразивме заедничко убедување дека политиката на проширување на ЕУ е најефикасно средство за промоција на стабилноста, безбедноста, просперитетот и демократијата на Западен Балкан, затоа што безбедноста на Западен Балкан значи безбедност во Европа – нагласи Бабиш.

Тој додаде дека повторното обединување на Европа нема да биде целосно доколку Западен Балкан не биде вклучен во процесот на проширување.

– Западен Балкан е клучен партнер за прашањата за безбедноста и сигурноста. Затоа ги почитуваме напорите на земјите од Западен Балкан да се занимаваат со миграцијата – рече Бабиш.

Премиерот на Полска Матеуш Моравјецки рече дека денешниот состанок во Прага претставува продолжение на средбата во Познањ, каде беше нагласена потребата од интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

Тој додаде дека приклучувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ е од интерес на Вишеградската група и на Полска.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија треба да станат членки на ЕУ.

Тој додаде дека приклучувањето на земјите од Западен Балкан не е товар, туку прилика за Европа.

– Европа ќе биде посилна ако ги прифатиме овие земји. Ако ЕУ не спиеше и ги прифатеше Србија и Северна Македонија како свои членки, не би имало толку илегални мигранти кои доаѓаат во Европа. Можевме да ја спречиме миграцијата, сега мора да го пополнуваме просторот. Мораме да ги прифатиме како членки – рече Орбан.

Премиерот на Словачка, Петар Пелегрини истакна дека Вишеградската четворка испратила јасни сигнали дека сака нови членки во ЕУ што поскоро.