ЦРНА ГОРА

Интензитетот на трансмисијата во Црна Гора е поголем дури и од оној во италијанскиот град Бергамо на почетокот од пандемијата, тврдат црногорските епидемиолози.
Епидемиологот од црногорскиот институт за јавно здравје, Дрган Лаушевиќ, во програмата на јавниот сервис РТЦГ изјави дека разликата меѓу сегашната состојба во Црна Гора и ситуацијата во Бергамо на почетокот на пандемијата е во тоа што во Италија била зафатена постарата популација, додека новозаразените во Црна Гора повеќето се помлади од 40 години.

– Во текот на минатата седмица процентот на позитивните достигнуваше и до 40 отсто од бројот на тестираните, тоа укажува дека интензитетот на трансмисијата е извонредно висок – рече Лаушевиќ.
Во последните 14 дена, во просек имавме околу 200 инфицирани дневно, тоа би значело еквивалент, кога би биле според бројот на жителите еднакви на Германија, дека ние во тие 14 дена сме имале околу 350.000 заразени. Здравствените власти во Црна Гора бележат повеќе од 10.000 заразени од почетокот на пандемијата или 1,5 отсто од вкупната популација во земјата и 169 починати од март годинава.