Во првите денови на февруари, во Хрватска, е забележан помал интензитет на туристичкиот промет од Кина, што е последица на построгите мерки на кинеската влада за спречување на ширењето на коронавирусот, посочуваат од Хрватската туристичка заедница. Во јануари 2020 година во Хрватска престојувале 4.400 кинески туристи, кои оствариле 7.600 ноќевања, што претставува пораст од 49, односно од 19 отсто во споредба со истиот период лани. Но ова зголемување се должи на тоа што голем број од гостите од Кина, ги имале однапред резервирано патувањата, пред појавата на епидемијата со новиот вирус на грип.

Директорката на претставништвото на ХТЗ во Кина, Франка Гулин, во изјава за агенцијата „Хина“, вели дека Кина на 24 јануари службено ја прекина продажбата на групните патувања и е издадено предупредување за патувањата во сопствен аранжман.

– Голем број луѓе во тоа време беа на патувања, така што конечните ефекти и последици можат да се согледаат во текот на февруари и во март – вели Гулин.
Директорот на ХТЗ, Кристијан Станичиќ, потврди дека во февруари е забележан туристичкиот промет од кинескиот пазар, што се должи на строгите мерки на власта во НР Кина за ограничување на патувањата во овој месец.

– Веруваме дека кинеските власти ќе успеат да ја стабилизираат состојбата, што ќе резултира со повторен раст на побарувачката од Далечниот Исток. Активно ја следиме состојбата преку нашата канцеларија во Шангај и преку кинеските партнери во Хрватска. Има некои откажувања на патувањата за февруари. Се надеваме дека нема да има поголеми последици, затоа што кинеските туристи во Хрватска најчесто ги реализираат патувањата во периодот по средината на март – вели Станичиќ.

На прашањето колку новата епидемија во Кина ќе се одрази на глобалниот туризам, бидејќи туристите од оваа земја се на врвот по бројот на патувања и потрошувачка во светскиот туризам, Гулин вели дека се очекува одредено забавување на туристичките текови.
– Треба да се има предвид фактот дека Кинезите продолжија да патуваат и по појавата на САРС и други природни катастрофи. Кина располага со средства и ресурси со кои може адекватно да се носи со оваа здравствена криза и да се одбрани во општествено-економски прифатлив рок – заклучува Гулин.