Фото: Маја Јаневска-Илиева

Војската на Австрија одлучила да ја обнови станицата за прислушување во Нојленгбаху на територијата на покраината Долна Австрија, а оваа инвестиција ќе ја чини 5,47 милиони евра.
Оваа станица се најде во фокусот на јавноста по обелоденувањето на аферата со Едвард Сноуден, кога се откри дека преку неа се собирале и информации за американската разузнавачка служба. Станицата за прислушување се наоѓа на ридот Колратберг, во рамките на воениот центар Гетвизен и е наменета за прислушување на телефонските разговори, на воената, цивилната и на авиокомуникацијата и за следење на сите шифрирани комуникации.
Собраните информации од воената разузнавачка служба „Хереснахрихтенамт“ се споделуваат со другите служби, како што се германската БНД или американската НСА. Особено се посветува внимание на комуникациите од Русија и на државите од Западен Балкан.
Новиот шеф на воената разузнавачка служба Саша Босецки, при преземањето на новата должност, нагласи дека модерната разузнавачка служба мора да го следи брзиот развој на технологијата. Покрај оваа постројка, војската има уште една прислушна станица Кенигсварте, која за време на Студената војна ги пресретнувала комуникациските врски од истокот и од Балканот, пренесува „Танјуг“.