Бугарскиот претседател Румен Радев отствари средба со Петар Колев и Георги Трендафилов – претставници на македонската политичка партија Граѓанско демократска унија. Во текот на средбата, Радев истакна дека посетата е важен позитивен чекор, нова фаза во развојот на односите меѓу двете земји.

– Дијалогот е од заеднички интерес на граѓаните од двете земји, ги ценам напорите на премиерот Зоран Заев за враќање на дијалог, но време е да се стимулираат институциите и политичките партии да се посветат на остварување на потенцијалот, а не на натрупување нови проблеми – рече Радев.

Бугарскиот претседател побара да се стави крај на наводната дискриминација и напуштање на наводниот говор на омраза во учебниците, музеите и на јавните места во Македонија.

– Прекинувањето на дискриминацијата и почитувањето на правата на Бугарите во РСМ ќе биде знак на европска зрелост за Северна Македонија. Над 120.000 луѓе имаат бугарски пасоши таму, тие очекуваат институциите во Бугарија да бидат многу поактивно вклучени во решавањето на нивните проблеми. – рече Радев.

Од своја страна, Петар Колев изрази благодарност и најави дека се решени да побараат официјална средба со македонскиот претседател и премиер за да ги покажат своите ставови за тоа како можат да ги решат прашањата.

– Граѓаните на Северна Македонија можат да бидат еден од многуте можности и мостови за надминување на овие проблеми и за динамична интеграција, тоа е нормално во општество кое има амбиции да се бори за своите права. – рече Петар Колев.