„Алкалоид“ донираше 33 илјади евра на клиничкиот центар „Загреб“ со цел за ублажување на последиците од земјотресот кој минатиот месец го погоди главниот град на Хрватска.

– Свесни за тешката состојба во која се најде клиничкиот центар „Загреб“, најголемата и најугледна хрватска здравствена установа, „Алкалоид“ одлучи да придонесе во надминување на состојбата настаната поради разорниот земјотрес и ширењето на пандемијата на ковид-19. „Алкалоид“ ќе донира 250 илјади куни (33 илјади евра) наменети за ублажување на последиците од земјотресот на објектите на клиниката за женски болести и породување, како и на клиниката за белодробни заболувања. Се надеваме и веруваме дека донираните средства ќе придонесат за подобрување на невообичаените работни услови на здравствениот персонал во неговата племенита мисија во услови на пандемија, и кон подобрување на условите за престој на пациентите во нивните капацитети – порачуваат од „Алкалоид“.

Веста за хуманиот гест одекна во хрватската јавност, како и во тамошните медиуми кои известуваат за донацијата, како што ни јави нашиот дописник од Сплит, Ангел Митревски.

„Македонците му помагаат на Загреб: Фармацевскиот гигант донираше 250 илјади куни на клиниките погодени од потресот“, „Голема донација од Скопје: Компанијата „Алкалоид одлучи да помогне во обновата по земјотресот во Загреб“, „Алкалоид им помага на клиниките погодени од земјотресот“, „Алкалоид донираше 250 илјади куни за ублажување на штетите од земјотресот на клиничкиот центар Загреб“, гласат дел од насловите во хрватските медиуми.

Водени од принципите на општествената одговорност на компанијата и хуманото програмско-производно определување втемелено, пред се, кон крајните корисници, „Алкалоид“ од почетокот на годинава, врз разни основи, донираше повеќе од 300 илјади евра на здравствени институции за набавка на реагенси, лекови, уреди, средства за хигиена и слични потреби. Со донациите во Македонија и во Хрватска, „Алкалоид“ од почетокот на април годинава, донираше и во Бугарија, БиХ и во Србија.

 – Во услови кога светските економии се препуштени сами на себе и се борат за ублажување на последиците од новата економска криза, кога губењето на работните места е неизбежен дел на таа сурова реалност и логистичките пречки ја добиваат битката при пласманот на производите, ретки се компаниите кои можат да ги совладаат тие предизвици и да помогнат на нивните економии во толку тешки времиња. На сите ни е наметната новата норма на социјално дистанцирање и на виртуелните контакти, но станува збор за минлива состојба, па набргу ќе се вратиме на старите добри навики, оптоварени со лошото искуство, но и со поуката која веројано сите ја научивме – дека понекогаш треба да успориме и да ги цениме малите работи во животот. Ги поздравуваме медицинските сестри, здравствените работници, хигиеничарите, продавачите на пазарите и во трговските центри, аптекарите и техничарите во аптеките, превозниците, пекарите… Да посветиме квалитетно време на себеси и на нашите најблиски – изјави неодамна Живко Мукаетов, генералниот директор и претседател на управниот одбор на „Алкалоид“.

Компанијата „Алкалоид“ е присутна во Хрватска уште од 1969 година, а филијалата во Загреб вработува околу 50 работници.