Претседателот на опозиционата ДПК и претседател на парламентот на Косово, Кадри Весељи, гостувајќи на програмата на КТВ, даде неочекувана изјава со која како да сака повторно да ги разбуди духовите на војната за кои се мислеше дека се одамна во длабок сон. Наспроти декларативните најави дека се тие чувари на мирот на Балканот, првиот парламентарец на Косово ги повика Македонија и Црна Гора, за сите заедно да се соберат против Србија.

„Македонија и Црна Гора се во НАТО, ние не сме, ајде да се собереме сите заедно против Србија“, рече тој, гостувајќи во емисијата „Рубикон“ на КТВ. Со таквиот позив, првиот парламентарец само го потврди она на што официјален Белград со години ѝ укажува на меѓународната заедница, а тоа се намерите на Албанците да го дестабилизираат Балканот, па и Европа, се првите реакции од Србија.

– Јас ќе се соочам со Србија како што се соочив пред 20 години. Иншала (Ако даде Бог – н.з.) повеќе нема борба. Но не дај боже Србија да ја пробие границата со Косово, не верувам, дека ќе останам дома. Не сакам, господе, тоа да се случи, подобро јас ќе настрадам отколку војник на КБС – рече Весељи.

„Не сум во политиката да се натпреварувам во тоа дали е посилен Хашим (Тачи), Иса (Мустафа) или Рамуш (Харадинај), ја сум само против Вучиќ“, порача Весељи кој е уверен дека приштинската влада нема да падне никогаш поради барањата на Србија и поради наметнатите такси на српската роба.

Токму Вучиќ, пред извесно време го означи Весељи како „господар на Косово“, човек од сенка, инаку некогашен шеф на разузнавачката служба на терористичката ОВК, а сега лидер на владејачката Демократска партија на Косово и претседател на парламентот.

Пред извесно време, кога Вучиќ најави дека сака да оди на Косово, токму Весељи се закануваше дека ќе го уапси претседателот на Србија ако се реши да го посети Газиводе.

Според белградските медиуми, Весељи дури две децении е прв разузнавач меѓу Албанците. Како што наведуваат истите извори, тој има завршено курсеви за терористичка обука во Албанија, Германија и Швајцарија, а постои сомневање дека и денес ги контролира тековите на парите во Косово, криминалот, трговијата со дрога, со нафта како и тоа дека е одговорен за бројни ликвидации.

Упатените во состојбите на Косово велат дека Тачи е американски човек, Харадинај е британски, а Весељи велат, не се знае чиј е точно, бидејќи работи за повеќе разузнавачки служби.

Ако е точно ова што го тврдат белградските медиуми, тогаш станува појасно зошто токму сега и токму Весељи ја даде изјавата која ги распирува сеништата на војната.