Претседателот на Собранието на Косово Кадри Весели објави денеска попладне, по последниот неуспешен обид за расправа за преговорите со Србија, дека првата следна собраниска седница ќе се одржи на 13. септември.

Со тоа, како што јави дописникот на МИА од Приштина, се стави крај на обидите за одржување вонредни седници, на барање и на Владата и на опозицијата, посветени на дијалогот со Белград, пред средбата на претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, закажана за утре, 7. септември, во Брисел.

– Одржавме седница на Претседателството (на Собранието), на добар пат сме, без оглед на тоа какви изјави слушате. Национален консензус ќе се постигне, ќе изградиме платформа со која ќе се соочиме со Србија – рече Весели, нагласувајќи дека „Косово е едно и единствено и суверенитетот на државата е неспорен“.

Парламентарниот спикер, во изјава за медиумите по завршувањето на седницата на собраниското Претседателство, упати критики на сметка на опозицијата заради, како што рече, „политичкиот речник кој е за секоја осуда“.

– Агресивниот речник кон партиите за, наводни, антинационални дејствувања, е неприфатлив, затоа што тоа не е здрав начин на кој ќе се стекнеш со поддршка за себе и ќе урнеш една власт за да изградиш друга. Ние треба да се натпреваруваме меѓу себе со политички и економски концепти, но не да ја ставаме во игра државата – рече Весели.

Парламентарниот спикер го заврши обраќањето со пораката дека „Косово е западно, Косово е на патот кон Европската унија и Косово е со Соединетите Американски Држави“.