Претседателот на косовското Собрание Кадри Весели изјави денеска дека со тоа што ја одолжува одлуката за укинување на визите за граѓаните на Косово, Европската унија самата си го урива сопствениот кредибилитет, јави дописникот на МИА од Приштина.

Весели во обраќањето на новинарите пред почетокот на денешната собраниска седница истакна дека косовските граѓани се лишени од правото на слободно движење, иако Косово ги исполнило сите услови што му ги постави Брисел.

– Секое доцнење што се случува во ЕУ во врска за либерализација на визите за граѓаните на нашата земја го урива самиот кредибилитетот на ЕУ и пред нејзините членки. Косово ги исполни сите критериуми кои беа побарани од нас, но сепак косовските граѓани не можат да се движат слободно. Ние сме единствената земја, единствените граѓани кои 11 години, како најпроевропски и најпрозападни граѓани, сме оставени изолирани – изјави Весели.

Тој нагласи дека е неправедно и некоректно од страна на ЕУ тоа што, од една страна граѓаните на Косово се држат во изолација, а од друга страна им се издаваат работни визи на квалификуваните млади кадри.

– Во исто време секоја година ни ги земаат нашите млади и ова е вознемирувачко затоа што десетици илјади млади, квалификувани кадри ги земаат, им даваат работни визи, а не им дозволуваат на нашите граѓани да се движат слободно. И ова е неправедно и некоректно- изјави Весели.