КОСОВО

Лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и претседател на Собранието на Косово, Кадри Весели, ја одби поканата на премиерот во оставка и лидер на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, за средба на лидерите на партиите од владината коалиција и порача дека неговата партија се подготвува за предвремени избори.

– Ние одиме на избори со верба дека граѓаните заслужуваат подобро. Не се приоритет за ПДК средбите што ги свикува кој било – рече Весели.
Тој изјави дека има две можности за свикување избори: состанок на политичките партии кај претседателот на државата и одлуката на Собранието за самораспуштање, што, според Весели, е побрза опција.
Собранискиот спикер најави дека ќе поднесе иницијатива за свикување седница на Собранието, за да се донесе одлука, со двотретинско мнозинство, за негово самораспуштање.

– Време е за донесување одлуки. Ги повикувам моите колеги од политичките партии да се собереме во Собранието и да се договориме за датумот, да го самораспуштиме Собранието и да одиме на избори. Ова е најдоброто решение – рече Весели.
Премиерот во оставка Харадинај завчера ги повика лидерите од владејачката коалиција, Весели, Фатмир Лимај од Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и Беџет Пацоли од Алијансата ново Косово (АКР) на средба за решавање на отворените прашања меѓу нив, односно, како што рече, на разговор „за глобалното затоплување“.