Центарот на Подгорица вчера беше под полициска блокада, поради почетокот на седницата на црногорскиот парламент, на која се расправаше за предлог-законот за слобода на вероисповед, со кој на нов начин се уредува односот на државата и верските заедници. Припадниците на српската заедница во Црна Гора се противат на донесувањето на законот, затоа што се плашат дека ќе ѝ биде одземен имотот на Српската православна црква. Законот предвидува подржавување на црковниот имот за кој не пости доказ за сопственост пред 1918 година, кога Црна Гора стана составен дел на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

Опозициската партија Демократски фронт ги повика своите приврзаници на протест пред зградата на Собранието на Црна Гора за да го спречат донесувањето на законот. Овој протест, за кој има и „благослов“ од патријархот на СПЦ, Иринеј, претходно не беше најавен во полицијата. Против законот е и Митрополијата црногорска приморска.
Во собраниската расправа потпретседателот на Владата, Зоран Пажин, рече дека е важно да се поведе дијалог за важноста од носењето на законот, но смета дека е еднакво неприфатливо навредување и негирање на црногорското општество и идентитет, со тоа што се прославува исчезнувањето на државата во име на големосрпскиот национализам, и кога Његош се прогласува за геноциден писател, но и кога неодговорните државни службеници ги навредуваат верниците на СПЦ.

– Овој предлог-закон не застанува на крајот на еден етнонационализам за да роди друг. Овој закон го носиме за сите во Црна Гора да имаат еднакво право по сопствено убедување да бидат или да не бидат верници на која било вероисповед. Немам дилема за тоа дека на идните генерации мораме еднаш засекогаш да им оставиме јасен одговор на прашањето дека во граѓанска Црна Гора се најстари и највредни оние вредности што ги спојуваат Црногорките и Црногорците од сите вери и нации – рече Пажин.

Пратеникот од Демократски фронт, Славен Радуновиќ, рече дека никаков полицаец не може да ги спречи пратениците на патот до парламентот и забележа дека тоа е можно само во Северна Кореја.

Пратеникот на ДПС, Драгутин Паповиќ, се запраша како црногорското општество од речиси незаинтересирано за религија, да се претвори до фанатизам религиозно.
– Религиозноста во Црна Гора не беше одлика ни во социјализмот. Од каде толку верска жестина, фанатизам, па и верски фанатизам – праша Поповиќ во своето излагање на собраниската седница.